Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска имаше средба со министрите за надворешни работи на Република Австрија, Александер Шаленберг, на Чешката Република, Јан Липавски и на Словачката Република, Мирослав Влаховски.
Претседателот Талат Џафери ги истакна пријателските билатерални односи со сите три земји и се заблагодари за континуираната поддршка за интеграција на Република Северна Македонија и целиот Западен Балкан во Европската Унија. Тој ја потврди уште еднаш посветеноста на земјата да истрае на патот на европската интеграција за што е потребно да се совладаат тековните препреки, а тоа се уставните промени за кои е потребно двотретинско мнозинство во Собранието на Република Северна Македонија.
Министрите за надворешни работи на Австрија, Чешката Република и Словачката Република, истакнаа дека како претставници на ЕУ, дојдени се во пријателска посета на земјата за побрза имплементација на уставните измени договорени минатата година, кои претставуваат важна пресвртница за натамошно приближување на земјата кон Европската унија. Тие потенцираа дека нема да има промени на договорената преговарачка рамка со Европската унија, зад која стојат сите 27 земји членки и дека оваа можност не треба да се пропушти, имајќи ја предвид актуелната геополитичка состојба во Европа.
На крајот на средбата, соговорниците се согласија дека политиките на Република Северна Македонија се целосно усогласени со Европската надворешна и безбедноста политика и дека давањето на целосна политичка и материјална поддршка на Украина е високо почитуван гест од Европската унија.