Никој не го разреши Сашко Јовев од работното место како доктор во клиниката, дури и мислам дека кога немаш политичка функција имаш повеќе време да им се одадеш на твоите пациенти, изјави претседателот на партијата Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, одговарајќи на прашање поврзано со докторот Сашко Јовев и дали неговото разрешување е начинот кој партијата се обидува да ги задржи младите и стручни лица од заминување од државата.
Тој на денешната прес конференција каде што, придружен од владини претставници, ги претстави постигнатите резултати од првите сто дена работење во владината коалиција, рече дека доктор Јовев е тораковаскуларен хирург кого го цени многу и директор е на Клиниката за кардиохирургија, но даде пример и дека тоа би било исто како Фатмир Меџити како невролог да биде директор на Клиниката за неврохирургија.
– Да го направев ова гарантирам дека ќе ме критикувавте „Зошто невролог е директор на Клиниката за неврохирургија?“. Зошто не ме прашувате „Зошто тораковаскуларен хирург е директор на Клиниката за кардиохирургија?“, посочи Таравари.
Во однос на трансплантацијата, Таравари подвлече дека учествувале уште осум доктори и потенцираше дека не тврди дека Јовев нема придонесено ништо, но рече дека нема да се остави туку така доколку има незаконитости.
– Јас не сакам да кажам лоши зборови за мојот пријател Јовев. Нека продолжи и нека работи како доктор, нека придонесе таму. Меѓутоа доколку еден систем, без разлика дали се работи за партија, министерство, општина или држава зависи од една величина, тоа не е систем, тогаш тоа е пропаст. Ве охрабрувам да причекате и да ги гледате сите извештаи, а доколку ние сме згрешиле, знаеме да бараме и извинување, меѓутоа слушнете ги и двете страни и после да донесеме заедничка одлука, истакна претседателот на Алијанса за Албанците.