Како што јави специјалниот известувачот на МИА од Вилнус, Столтенберг одговори на новинарско прашање во врска со тоа дали смета дека со давањето безбедносни гаранции и поддршка за Украина, сојузниците прават чекор напред кон војна со Русија, имајќи ги предвид забелешките на Кремлин, кој како опасна грешка на Западот го оцени таквиот чекор.
-Ова е фундамелтано право на секоја нација и не смееме да дозволиме Москва да почне да одлучува кој смее, а кој не смее да биде член на НАТО. Русија била против секое проширување на НАТО. На НАТО сојузниците и на Украина е да одлучат, кога ќе стане членка, Москва нема право на вето, рече Столтенберг.
Генералниот секретар на НАТО нагласи дека во Европа се случува вистинска војна и истакна дека трагедија за Украина ќе биде ако Путин победи, а тоа ќе претставува и опасност за Алијансата.
Столтенберг на прашањето како НАТО ќе ја зголеми поддршката за Украина, рече дека една од мерките е токму воспоставувањето на Советот НАТО-Украина, што е еден од трите елементи во пакетот, кој го одобрија сојузниците.
-Целта на таа одлука е да се зајакнат политичките врски и политичката интеракција. Советот е различен од претходната комисија, пред се поради тоа што тоа е тело, кое може да носи одлуки и во кое се состануваме како еднакви. Можеме да се состанеме на ниво на претседателите на држави и влади, како што се состануваме денеска или може да се одржи средба на ниво на министри за надворешни работи или одбрана, на амбасадорско ниво, на ниво на началници на генералштабови и на експертско ниво. Ова е многу посилно, многу пополитичко тело, ова не е само партнерство, туку нешто што го правиме заедно како еднакви, рече Столтенберг.
Тој додаде дека ова е само еден од чекорите што ги преземаат за да ја придвижат Украина кон полноправно членство.
-Денеска се сретнуваме како еднакви и со нетрпение чекам да се сретнеме како сојузници, додаде генералниот секретар на НАТО