Стојаноски: Нема да поддржиме одлука за прераспределба на средства која значи повеќе пари за тендери во 4 очи, криминал и корупција

Стојаноски-Нема-да-поддржиме-одлука-за-прераспределба-на-средства-која.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Денес почнува расправата по Одлуката за прераспределба на средства помеѓу буџетските корисници на централната власт и помеѓу фондовите.


Според пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, формално ова не е ребаланс иако промените се значајни и власта можела да достави ребаланс на Буџетот до Собранието.

„Причината за ваквото избегнување е неажурноста, бегањето од редовна постапка и рокови и немањето капацитет да се изработи ваков значаен документ. Одлуката за прераспределба тежи околу 300 милиони евра според зборовите на министерот за финансии, а образложението кое е во прилог е само 138 зборови. Се намалуваат приходите од ДДВ за 120 милиони евра. Ова е многу силна измена од повеќе аспекти. Во услови на двоцифрена инфлација кога сите производи се поскапени, поголем е и износот на ДДВ што се прибира“ рече Стојаноски.

Дополнително потсети дека власта го зголеми и ДДВ на струјата од јули оваа година, а дека планира да повлече дополнителни 150 милиони евра од домашните банки преку долгорочни обврзници.

„Со оваа расипничка власт не е чудо што јавниот долг е над 8,3 милијарди евра и истиот е зголемен за 3,6 милијарди од 2017 до денес. Власта вели дека зголемувањата се во делот на плати и надоместоци за јавниот сектор. Сметаме дека јавниот сектор многу порано требаше да добие зголемување на своите плати со оглед дека инфлацијата во овие две години е двоцифрена и надминува 30% кумулативно, а кај храната и електричната енергија покачувањата се близу 50%. Каде крати Владата? Тоа се капиталните инвестиции кои власта не успева да ги реализира поради неспособност и тоа што традиционално ги предимензионира за да во овој период од годината ги префрли на ставки од кои полесно ќе може да ги испумпа кон свои фирми“ истакна тој.

Стојаноски обвини и дека се кратат средства од зелен развој, програма што ја воведе оваа Влада, дека при секој Ребаланс парите се пренаменуваат, а зелениот развој остана само флоскула на ДУИ.

„Со оваа Одлука за прераспределба се кратат десетици милиони евра и од армијата т.е. Министерството за одбрана. Македонија е една од земјите која испрати своја воена опрема на Украина, но власта наместо да ја замени со нова и современа опрема предвидените средства ги крати.

Загрижувачки е односот на власта во образованието и таму по којзнае кој пат се кратат предвидените средства од споменикот на неспособноста на ДУИ и СДСМ т.е. зградите на ФИНКИ и ФФК. Освен за оваа намена, власта неможе да реализира инвестиции и за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, како и за спортски сали“ изјави Стојаноски.

Тој рече дека ВМРО – ДПМНЕ нема да поддржи ваква Одлука за прераспределба која под превезот на поголеми плати за јавниот сектор значи повеќе пари за тендери во 4 очи, криминал и корупција.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK