– Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари средба со делегација на Република Црна Гора предводена од министерот за финансии на Црна Гора Александар Дамјановиќ. Теми на разговорите беа унапредување на соработката меѓу двете земји, состојбата во процесот на ЕУ интеграциите и планови за унапредување и модалитети на нови иницијативи и соработки. Дваjцата министри потврдија дека се работи за исклучително блиски земји и народи со досегашна соработка на врвно ниво, соопшти Министерството за внатрешни работи.
-Меѓу нашите две земји имаме извонредна соработка, взаемна поддршка, делиме исти проблеми, веруваме во исти вредности и имаме исти приоритети кон својата иднина, а таа е во Европска Унија, потенцираше министерот Спасовски за взаемните односи со Црна Гора и нивното константно унапредување.
Министерот Дамјановиќ изрази поддршка на сите регионални иницијативи како Отворен Балкан и Берлински процес кои на крајот треба да резултираат со интеграција на целиот регион во Европската Унија со бришење на границите и слободен проток на луѓе и стоки. Посебен акцент на средбата беше даден на планираната иницијатива на Националните ИПА координатори за заеднички регионален настап преку заеднички иницијативи и проекти пред Европската комисија во рамките на достапните ИПА фондови.
-Со оваа иницијатива имаме формален почеток на регионалниот пристап во делот на искористување на можностите кои ги нудат ИПА фондовите пред Европската комисија, вели Дамјановиќ.
На регионално ниво јакне свеста дека ИПА механизмот е моќен извор на средства и заедничкиот пристап само може да ја зголеми соработката и степенот на искористување на овие фондови, потенцираше министерот Дамјановиќ, соопшти МВР.
Министерот Спасовски истакна дека Министерството за внатрешни работи е еден од најголемите корисници на ИПА фондови во нашата држава и регионалниот пристап со креирање на заеднички проекти само ќе ја унапреди соработката и искористувањето на средствата од оваа ЕУ програма.
-Како дел од националната ИПА 2 програмата во Министерството беа спроведени голем број проекти од исклучителна важност со што видливо се подобрија човечките, техничките и инфраструктурните капацитети неопходни за ефикасно работење. Во рамките на ИПА 3 програмата (2021-2027) Министерството за внатрешни работи учествуваше во процесот за програмирање на националните ИПА програми 2021/2022 и 2023/2024. Што се однесува до регионалните проекти веќе учествуваме во реализација неколку регионални проекти како „Регионална поддршка на управувањето со сензитивна миграција во делот на Западен Балкан“, „Сузбивање на сериозен криминал во Западен Балкан“ и „Зајакнување на борбата против нелегалното поседување, злоупотреба и трговија со мало и лесно оружје“, Зајакнување на заштитата на јавниот простор и критичната инфраструктура“,,,Партнерство против криминалот и тероризмот (CEPOL WV PaCT), образложи министерот Спасовски и потенцираше дека сите регионални иницитиви кои ќе овозможат побрза интеграција на регионот во ЕУ ќе учестуваме и како министерство и како држава.