Сарацин: Уставните измени се дел од договорот со ЕУ, нема да има друга понуда на маса

saracin_3543534
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 – Уставните измени се предуслов и се дел од договорот со ЕУ, затоа истите треба да се спроведат, изјави специјалниот пратеник на Владата на Сојузна Република Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.







Тој во гостувањето на Клик Плус на ТВ 21, прашан за тоа дали земјава ќе успее во дадениот рок да ги направи уставните измени, вели дека не може да се обложи бидејќи секоја одлука што ќе ја донесе земјава треба да се почитува.

-Сметаме дека на маса има европски договор и дека мора да се прифати или да се гласа против. Но, нема да има други зделки на маса. Колку пратеници (во парламентот на Северна Македонија) ќе гласаат (уставни измени) и како, не е моја работа да оценувам. Но, велиме отворено и искрено, разговараме со сите. Се обидуваме да ги разберат нашите аргументи, заради европската интеграција, за заедно со Германија, Северна Македонија да тргне на ова патување, вели Сарацин.

Тој вели дека земјава изгубила доволно време и по своја вина и по вина на ЕУ, затоа нема веќе време за губење. Германија, посочува тој, секогаш ќе ја почитува културата, јазикот и македонскиот идентитет.

-Многу луѓе во Северна Македонија имаат страв дека со овој процес се загрозува македонскиот идентитет, култура, македонскиот јазик, самото постоење на македонскиот народ како концепт. Јас можам да ви гарантирам вам и на сите во земјава дека за Германија тоа е важно. И го почитуваме. Ние го почитуваме македонскиот јазик, македонскиот идентитет и култура. Ние го почитуваме македонскиот народ, државата Северна Македонија, вели Мануел Сарацин.

Германскиот пратеник исто така рече дека се свесни дека довербата во ЕУ не е иста, но упати повик земјата да продолжи да верува бидејќи ЕУ е јасна стратешка опција на државата.

Сарацин, во рамки на работната посета на земјава во Собранието имаше одвоени средби со пратеници од различни пратенички групи застапени во законодавниот дом, а оствари средби со државниот врв. 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK