ЕУ и Советот на Европа, во рамки на заедничкиот проект „Борба против омразата и нетолеранцијата“, денеска организираат конференција „Општество без омраза; заедничка заложба и заедничка цел“ на која ќе ја претстават и промовираат Препораката на Комитетот на министри на Советот на Европа за борба против говорот на омраза. Конференцијата ќе се одржи во хотел „Хилтон“ – Скопје, со почеток од 10 часот.
На конференцијата предвидено е обраќање на вицепремиерката за политики за добро управување Славица Грковска, заменик–министерката за правда Викторија Аврамовска Мадиќ, пратеничката Гордана Силјановска Давкова, Александру Албу, раководител на сектор во Делегација на ЕУ во Скопје, како и на Стефано Валенти, раководител на Одделението за соработка и против говорот на омраза, Генерален директорат за демократија, при Советот на Европа.
– Целта на конференцијата е да поттикне дијалог меѓу различни актери во борба против говорот на омразата, како и да овозможи форум за дискусија за иницијативите што се досега преземени во согласност со Препораката, како и предлози за можни активности кои би оделе во насока на нејзиното спроведување, велат организаторите.
Препораката на Комитетот на министри за борба против говорот на омраза е усвоена во мај 2022 во Торино. Меѓу останатото, Препораката ги повикува владите на земјите-членки да разработат сеопфатни стратегии за спречување и борба против говорот на омраза, вклучително и преку освојување делотворна законска рамка и спроведување внимателно калибрирани и пропорционални мерки.