Пратеничките ја иницираа потребата од донесување акциски план за следење на спроведувањето на Стратегијата за демографски политики

sobranie_54353454
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

 Клубот на пратенички на Собранието на Република Северна Македонија денеска одржа консултативна средба со Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА и Министерството за труд и социјална политика, на која беше презентирана Нацрт-верзијата на Стратегијата за демографски политики, од страна на проф. д-р Драган Тевдовски.







Како што информираат од собраниската прес-служба, целта на оваа средба била информирање и запознавање со процесот за развој на новата Стратегија.

Лолита Ристова, претседателка на Клубот на пратенички изразила задоволство од учеството на пратеничките на овој консултативен состанок во рамки на подготовката на документот за демографски политики, чиј носител е Министерството за труд и социјална политика, а поддржан и воден од УНФПА.

Марија Димитровска, aналитичарка на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, посочила дека демографската политика нема идеолошка определба и затоа е важна вклученоста на сите чинители во овој процес, идентификување на предизвиците и изнаоѓање решенија за одржлива политика на Северна Македонија.

Професорот Тевдовски во презентацијата ги потенцираше главните цели, важноста, инклузивниот процес на подготовката на Стратегијата. Целта е, како што посочил, што поширока поддршка и вклученост на државните институции, универзитетите, МАНУ, невладините организации и меѓународните агенции, а пратеничките треба да се столб на Стратегијата.

-Последниот попис на населението укажа на негативен природен прираст, намалување на наталитетот, надворешна емиграција, стареење на нацијата, процес кој не е само кај нас туку и во европските држави, големи демографски диспаритети и нерамномерна просторна распределеност, посочи Тевдовски.

Од Собрание соопштуваат дека презентацијата на Тевдовски резултираше со плодна дискусија на пратеничките во однос на презентираните цели на Стратегијата.

Ова е трета Стратегија за демографски политики 2024 – 2044 година, за период од 20 години, но со можност за ревидирање на секои пет години. Исто така, пратеничките ја иницирале и потребата од донесување акциски план за следење на спроведувањето на Стратегијата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK