Претседателот Стево Пендаровски денеска ќе се обрати на Генералната дебата на 78. Генерално Собрание на Обединетите Нации, што се одржува на тема „Обнова на довербата и повторно стартување на глобалната солидарност: Забрзување на акцијата за Агендата 2030 и нејзините Цели за одржлив развој кон мир, просперитет, напредок и одржливост за сите“.
Обраќањето на претседателот Пендаровски е предвидено на сесијата што започнува во 15:00 часот по македонско време.
Предвидено е да се сретне со Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, на која претседателот Пендаровски ќе ја одликува Организацијата на Обединетите Нации со Орден на Република Северна Македонија и ќе му го врачи одликувањето на генералниот секретар Гутереш. Организацијата на Обединетите нации се одликува со Орден на Република Северна Македонија за големата помош и поддршка при справувањето со последиците од катастрофалниот скопски земјотрес и за непроценливиот придонес за обновата на Градот Скопје, којшто прерасна во град на солидарноста и вистински симбол на пријателството меѓу народите.
Со денешните активности претседателот Пендаровски го завршува учеството на 78. Генерално Собрание на Обединетите Нации.
Предвидено е претседателот Пендаровски да отпатува во Чикаго, каде што утре ќе присуствува на хуманитарната гала вечера „Патишта кон просперитет“ во организација на бордот на директори на „Македонија2025“ и ќе го одликува главниот извршен директор на Боинг, Дејвид Л. Калхун со Орден „8 Септември“. Калхун се одликува за неговиот особен и посветен придонес во развојот и унапредувањето на македонско-американските стратешки и деловни односи и за економскиот напредок на нашата земја.