Зборувајќи пред граѓаните на Василево, кандидатот за претседател Стево Пендаровски потенцираше дека Македонија веќе е горда на постигнатото, а со Христијан Мицкоски и Гордана Силјановска-Давкова државата ќе се врати назад во мрачното минато и единаесет годишниот режим, затоа што како што кажа тој, во ВМРО-ДПМНЕ нема никаква промена.
„Дали ако дојдат на власт ќе се однесуваат поинаку? Не, никако. Александар Николоски е до Груевски кога даваат наредба за 27 април, Мицкоски исто на 27ми влегува во парламент и наместо да се извинат тие сега најавуваат амнестија за тој упад. Не треба да им дадете власт“ рече Пендаровски.
Пендаровски повика на силна мобилизација и гласање за бројот еден на 24 април во првиот круг на претседателските избори.
„Не оставајте работите да ги решаваме на 8 мај треба на 24 да им покажеме дека мнозинството наши граѓани не сака да се враќа во мрачните времиња. Немаме луксуз како држава да се враќаме назад и 20 години да чекаме, затоа што сите млади ќе се иселат, а нема држава која може економски да просперира ако нема млади. Ако добиеме доверба со оваа полотичка структура ние за 4 години ќе одиме напред, ќе одиме кон полноправно членство во ЕУ“ порача Пендаровски во општина Василево.