„Владата на СДСМ и ДУИ не турна во фискална провалија. Сите валкани работи од владеењето на СДСМ/ДУИ ги исфрли објавата на Бруто домашниот производ за 2023 година од страна на Државниот завод за статистика од пред некој ден. Расипничкото трошење на државните пари – на парите на граѓаните и бизнисите, корупцијата во јавните набавки, криминалите кои ги правеа со буџетските средства во изминативе години СДСМ и ДУИ, на крајот од нивниот мандат се откриени преку бројки, кои сведочат за погубната состојба на македонската економија, на државниот буџет и јавниот долг“, рече Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Во 2023 година македонска економија има реален раст од – внимавајте, само 1% а планираа 2,9%. Растот којшто го испорачаа е за три пати понизок од она што го планираа. Растот е погубен и најнизок од сите земји во регионот кои пораснаа со Црна Гора 6,6%, Албанија 3,5%, Хрватска 2,8% и Србија 2,5%.
Остварија реален пад од 17% на бруто-инвестициите, а планираа раст од 5%. Викаа дека инвестициите ќе го носат растот. Кои инвестиции прашуваме? Ни камче не помрднаа во нивниот мандат!
Неиспорачувањето на реален раст на економијата и грешката во проекција за БДП дефлаторот придонесе за низок годишен раст од само 4,7% на номиналниот БДП, а не од 11,4% – колку што планираа. Ова ги измести соодносите на јавниот долг како процент во БДП и на буџетскиот дефицит како процент од БДП. И што е резултатот?
Фантастични 62% од БДП се искачи јавниот долг на крајот од 2023 година и ја надмина границата утврдена со Мастришките критериуми на ЕУ од 60%. Неверојатни 8,5 милијарди евра е состојбата на долгот на крајот на 2023 година или оваа власт дополнително не задолжи за 3,8 милијарди евра за само 7 години! Остварија огромен буџетски дефицит од 4,9% од БДП во 2023 година, а планираа 4,6% од БДП. Длабоко го прекршија фискалното правило за буџетски дефицит од 3% од БДП кое стои во Закон и тоа втора година по ред. Каде е новоформираниот ФИСКАЛЕН СОВЕТ да интервенира? Да укаже на оваа огромна неправда за граѓаните.
И внимавајте, уште не задолжуваат, и тоа, со силно темпо од почетокот на годинава. За два и пол месеци на 2024 година имаат креирано НОВ долг на домашен пазар на хартии од вредност од 237 милиони евра! Одат до крај да ја уништат економијата.
Толку од европското однесување на СДСМ и ДУИ. Нѐ презадолжија.
Алармиравме, алармиравме и алармиравме уште од 2020 година. Ја искористија позицијата под изговор за стабилизација на кризи и си трошеа, крадеа, а за тоа се задолжуваа без мерка.
А што стабилизираат и испорачаа? Најнизок просечен економски раст во македонската историја од само 1,6%. Внимавајте 1,6% просечен раст на БДП којшто е малку поголем од оној кој го имавме во транзицијата. Па и другите земји беа во кризи, а како успеаа да растат повеќе од нас, па како наспроти нас имаат и помал раст на јавниот долг?
Кај се сега сите „сценаристи“ на грчкото сценарио од пред седум години да викаат дека сме презадолжени, дека идеме во банкрот?
Тогаш да потсетам, имавме понизок јавен долг од сегашниов за 80% или тогаш имавме долг од 4,7 милијарди евра, наспроти 8,5 милијарди евра денес. Сценариото од пред седум години денес е реалност, а главните сценаристи се СДСМ и ДУИ.
Каде е НАРОДНАТА БАНКА, барем еднаш, да алармира за фискалната недисциплина, која во континуитет ја нарушува каматната политика? Народната банка ги поскапува каматите за бизнисите и населението да не трошат, за да се стопира инфлацијата, ама оваа власт си троши без контрола. Каде е Народна банка јасно да застане зад ова презадолжување на ВЛАДАТА? Ги нема.
Македонија е во стагфлација, а оваа власт не фрли во должничко ропство.
Оставаат опасна економска катастрофа. Оставаат и 1,8 милијарди евра обврски за плаќање на камати во наредните 5 години, или 360 милиони евра годишно, пари со кои можеа да се изградат патишта, училишта, градинки, да се зголемат плати, пензии.
Ги презадолжија идните неродени генерации, младите, пензионерите, просветните работници, здравствените работници, бизнисите кои го полнат буџетот итн. А, за што се потрошија парите на граѓаните и бизнисите? Допрва ќе има одговори и одговорности“, изјави Гордана Димитриеска Кочоска, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.