Уште пред да влезат во собраниската сала каде треба да се гласа за отворање на Уставот, осамнаа пораки од опозициските пратеници дека процесот нема да помине. Новинарите се собираат во прес-центарот, а седницата треба да започне од 11 часот. Таму досега не се појавил ниту еден народен избраник, иако се очекуваат низа прес-конференции.
Пратеникот Димитар Апасиев од Левица ѝ порача на власта: „стоп за бугаризација, а двајца пратеници од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека нема да има уставни измени.
„Прв обид за промена на Уставот откако Левица е парламентарна партија. Нема да ви помине, стоп за бугаризација, софиска платформа“, напиша Апасиев.
Истовремено, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Јован Јаулески, порача дека криминалците ќе одат во затвор.
„Криминалците во затвор, Македонија вечна“, напиша Јаулески споделувајќи фотографија со текст „Македонија не е на продажба, не за уставни измени, не за криминалот, долу Влада“, порача тој.
Се огласи и Бојан Стојаноски, со истиот став – дека ќе гласа против уставни измени.
„Денеска ќе гласам против измени на Уставот. Јас немам мандат да гласам против волјата на народот. Да живее горда и достоинствена Република Македонија!“, напиша Стојаноски.
Во прес-салата има десетици медиуми. Сите го чекаат почетокот на седницата, на која треба да се изгласа дневниот ред со една точка и да се отвори дискусија, а во рок од десет дена и да се гласа за уставните измени. За ова се потребни 2/3 мнозинство, за кое од ВМРО-ДПМНЕ се уверени дека власта го нема.
На седницата треба да присуствува и премиерот Димитар Ковачевски.