– Фестивалот на народни песни и игри „Илинденски денови” е интернационален и единствен наш фестивал кој што е во елитата на фолклорни фестивали во светот, истакна Горан Мисовски, потпретседател на Собранието на Република Северна Македонија, прогласувајќи го за отворен.
Пред аудиториумот во Битола, Мисовски нагласи дека фестивалот претставува богато светско културно наследство.
-Задоволство е да се видат на едно место маестралните изведувачи кои се дел од ансамблите на народни игри и песни од држави во повеќе континенти. Несомнено дека членовите на културните установи се и амбасадори на културното богатство на својот народ, држава. Преку преплетувањето на културните мемории на земјите од кои доаѓаат, преку спецификите на ритамот и мелосот, разиграното шаренило на автентичните везови и фолклорни детали, потврдуваат дека се универзална цивилизациска категорија и дел од богатото светско културно наследство, истакна Мисовски.
На фестивалското свечено отворање претходеше дефиле на учесниците по Широк сокак со презентации на фолклорни содржини од поднебјето од каде пристигнаа во Битола.
Добредојде на 53. издание на фестивалот „Илинденски денови” им посакаа градоначалникот Тони Коњановски и Маја Андоновска Илијевски, директорка на НУ Центар за култура-Битола.
На платото пред Офицерски дом во тек е првата фестивалска вечер на традиционална музика и игра.