Милошоски: Словенија и Хрватска се согласија компромисот да биде апликативен кога Хрватска ќе стане членка на ЕУ

miloshoski_345345332454
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

– Пратеникот Антонио Милошоски денеска во изјава за медиумите го пренесе ставот што бил изнесен од страна на ВМРО-ДПМНЕ на средбата во Собранието со министрите од Вајмарската тројка, кои се во посета на земјава. Милошоски повтори дека тие нема да поддржат уставни измени, дека владејачкото мнозинство нема две третини да го испорача она што го ветило.

Тројцата министри од Вајмарската тројка Лоранс Бун, државна секретарка задолжена за Европа при Советот на министри на Република Франција, Ана Лирман, министерка за Европа и клима на Сојузна Република Германија и министерот за Европска Унија на Република Полска, Шимон Шинковски вел Сенк денеска имаа средба со претседателот на Собранието Талат Џафери и со координарите на пратеничките групи.


-Владејачкото мнозинство, според она што беше кажано на средбата со министрите, е сосема свесно дека немаат две третини за да го испорачаат тоа што сами без национален  консензус, лековерно го прифатиле како обврска за наметнати уставни измени по барање од Бугарија. И второ, тоа што беше кажано од име на пратеничката група на ВМРО –ДПМНЕ и Коалицијата За обнова на Македонија, беше „да“ за ЕУ, но не за уцени од страна на Бугарија, коишто не нудат никаква извесност дека процесот на евроинтеграции нема повторно и повторно да биде блокиран заради ирационални прашања коишто Бугарија очигледно се уште ги има кон Македонија, рече Милошоски во изјава по средбата.

Според него, неколку од министрите истакнаа дека може да послужат како пример на земји што во минатото имале големи историски, политички и други недоразбирања и конфликти, а сега се сојузници, и соработуваат во рамки на ЕУ иако имаат одредени несогласувања.

-Токму овие земји се добар пример како Германија, како земја – членка на ЕУ, беше еден од најголемите, не само соседи, туку и лобисти за Полска да стане членка на ЕУ. Германија не бараше изговори да ја блокира Полска по втор, трет или петти пат,  туку бараше причини како Полска поскоро да стане член на ЕУ, додаде пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

На прашањето како да се надмине оваа ситуација и да се гласа за уставни измени, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека се потребни предвремени избори.

Кога се превземаат обврски коишто бараат широк консензус, особено за уставни амандмани, како што кажа Милошоски, тогаш тие коишто преземат такви обврски треба да бидат свесни дека широките консултации и инклузивност се неопходност на самиот почеток на процесот, а не на крајот на процесот кога ќе видат дека немаат две третини.

-Второ, Македонија во минатото имала многу посети од странски делегации. Ниеден министер од земја членка на ЕУ во Македонија не дал лоша изјава, сите биле добри, охрабрувачки и полни со поддршка. 2018 година ние имавме одлични изјави на германската канцеларка Меркел, на австрискиот канцелар Курц, дека ако се смени уставното име, вратите на ЕУ ќе бидат отворени. Мнозинството тоа го направи, вратите останаа затворени. Од Франција имавме вето заради методологијата, од Бугарија имавме вето заради прашање коешто никогаш не го поставиле во изминативе 30 години. И затоа сметам дека власта со ваквото внесување само дополнително ја поларизира ситуацијата и затоа би било најдобро да има парламентарни избори, политичките партии да понудат решенија за овој веќе создаден проблем, и потоа да се разговара за еден поширок консензус како државата треба да се движи напред, но со извесна перспектива дека ќе стигне до целта, а не за година или две повторно да биде блокирана заради учебник по историја, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Милошоски е дециден дека доколку има политичка волја како што имаше политичка волја за Словенија и Хрватска, земјите имаа билатерален реален проблем.

-Овој со Бугарија е, според мене, е ирационален и апстрактен, тогаш со поддршка на Германија и на Франција, Словенија и Хрватска се согласија компромисот да почне да биде апликативен во моментот кога Хрватска ќе стане земја членка на ЕУ, и на тој начин Словенија ќе биде мотивирана да ја поддржува во членството наместо да ја блокира, а Хрватска ќе биде мотивирана да го оствари својот дел од компромисот за да стигне до целта на ЕУ, рече пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ.

Заменик координаторката на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска одговарајќи на новинарско прашање во врска со средбата со Вајмарската група рече дека таа присуствувала на вчерашните разговори со лидерот на партијата и коалицијата и дека бил повторен нивниот став.

-Кажано е истото што го кажавме и претходната недела што беше кажано тука во салата „Борис Трајковски“, значи повторно една нова постава на европски комесари. Ставот ист го кажуваме како на отворени така и така и на затворени средби. Нема да го промениме. Од нивна страна сега се кажува дека сега е последниот момент, фатете го бранот. Ние повторуваме дека и после 15, 16 години Република Македонија се уште не е членка на ЕУ, дека се уште нема почнато преговори и не знам уште колку бранови ќе ни ветуваат и ќе ни кажуваат дека се последни моменти. За жал, сега сме пред врата на еден ултиматум кој го прифатила оваа владејачка гарнитура. Опозицијата ја исклучи од тие преговори така што ставот само го повторивме. Ниту чекор ниту милиметар немаме отстапено од ставот, рече Стојановска.

Во врска со формирањето на нови опозициски партии кај Албанците и гласовите за или против уставни измени, пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ рече дека колку и да се формираат опозициски партии како коалиција со 44 пратеници, тие сочинуваат повеќе од една третина од овој состав.

-Во однос на уставните измени колку и да се формираат опозициски страни од страна на албанскиот блок ВМРО-ДПМНЕ како коалиција со 44 пратеника сочинува повеќе од една третина од овој состав така што клучниот моментум го имаме ние, а ние нема да гласаме за уставни измени, изјави Стојановска.

Нејзино мислење е дека имаа проблем во владејачкото мнозинство во смисла дали оваа група на Изет Меџити ќе се прошири дали ќе останат на тројца, дали ќе формираат некоја пратеничка група.

-Тие вчера кажаа дека се отцепуваат од пратеничката група на ДУИ така што останува да ги видиме следните нивни чекори, рече Стојановска.

Милошоски, пак, одговарајќи на новинарско прашање за Иловица, рече дека неговиот коментар е дека постапката на неколку пратеници од мнозинството да делуваат како опозиција, е најголем доказ дека не се работи за европски фронт, затоа што тие почнуваат да делуваат како опозиција, бидејќи сметаат многу висока корупција во власта и неисполнети ветувања.

-Тоа е најголемиот доказ дека власта која што сакаше да создаде раздор во опозицијата, во нејзините редови се случува политичко не единство кај самите пратеници, рече пратеникот Милошоски.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK