Во Подгорица денеска ќе се одржи Самит на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), со кој ќе се заокружи црногорското претседавање со таа регионална иницијатива.
На Самитот, чиј домаќин е црногорскиот претседател Јаков Милатовиќ, ќе биде усвоена заедничка декларација, одобрена на состанокот на министрите за надворешни работи во Будва на почетокот на јуни, а ќе присуствуваат и највисоките претставници на учесниците на ПСЈИЕ.
Како што соопштија од кабинетот на Милатовиќ, на Самитот ќе присуствуваат претседателите на Северна Македонија, Косово, Бугарија и Албанија, Стево Пендаровски, Вјоса Османи, Румен Радев и Бајрам Бегај.
На Самитот ќе учествуваат и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ, вицепремиерот на Молдавија Олег Серебријан, шефот на турската дипломатија Хакан Фидан.
На Самитот ќе бидат и европскиот комесар за проширување Оливер Вархеји, генералниот секретар на Советот за регионална соработка Мајлинда Брегу и претставници на Европската служба за надворешни работи, Романија, Грција и Словенија.
Пред денешниот Самит, домаќинот Милатовиќ организираше свечена вечера за учесниците на настанот.
ПСЈИЕ е регионална рамка за соработка формирана во јуни 1996 година, со цел унапредување и зајакнување на добрососедските односи меѓу земјите од Југоисточна Европа.
Членки на ПСЈИЕ се: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Грција, Хрватска, Северна Македонија, Молдавија, Романија, Словенија, Србија, Турција и Косово.
Извршното тело на ПСЈИЕ – Регионалниот совет за соработка (RCC), вклучува 46 земји, организации и меѓународни финансиски институции.
На 1 јули Северна Македонија од Црна Гора го презема претседавањето со ПСЈИЕ.