– Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска ја обвини Владата за, како што рече, лицемерие и двојни стандарди во врска со рудникот Иловица.
Како што изјави Мицкоски, концесијата ја има потпишано и одобрението за рудникот го има дадено Владата на Бучковски во 2006 година.
-Јавноста беше сведок дека одобрението го има дадено и концесијата ја има потпишано Владата на Бучковски уште во 2006 година, но она што е уште повеќе лицемерно и со двојни стандарди е фактот што вчера имаше владина седница. Дали слушнавте дека некој од излажаните бил гласен за да се раскине Договорот за да не бидат излажани? Јас не слушнав. Имаше неколкумина членови на Владата кои рекоа дека се излажани од страна на министерот Бектеши. Вчера имаше седница. Ако јас се чувствувам излажан и изманипулиран, логично е на седницата да кажам „тој и тој ме излажа, ме изманипулира, поддржав нешто што во суштина не сакам да поддржам, ве молам, сакам таа точка да се врати назад или да ја дополнам со друга точка и да ја поништам концесијата“. Јас такво нешто од страна на Владата не слушнав, ниту од излажаните, а не слушнав зашто има многу лицемерие, двојни стандарди, многу лани, многу криминал и многу корупција, рече Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања по средбата во Сојузот на стопански комори.
За Иловица денеска изјава даде и премиерот Димитар Ковачевски. Тој повтори дека „Владата на ВМРО-ДПМНЕ имаше издадено 86 дозволи за концесии, а општините, предводени исто така од ВМРО-ДПМНЕ, веќе ги имаа донесено одлуките за почеток на работите за отворање на рудниците“. Според Ковачевски, ако граѓаните не сакаат, рудник нема да има.