Министерот за надворешни работи, Бујар Османи учествува на состанок на министрите за надворешни работи на земјите-учеснички на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), во Будва. Ова е последен министерски состанок во рамките на црногорското претседавање, пред преземање на претседавањето од страна на Република Северна Македонија, на 1 јули.
Османи во своето обраќање, како што соопшти МНР, се заблагодари за успешното претседавање на Црна Гора, афирмирајќи ја подготвеноста на Северна Македонија, да преку своите приоритети и посветеност, иницијативата продолжи да биде корисна платформа за соработка во регионот.
-Северна Македонија го презема претседавањето во тешки времиња, земајќи ја предвид сериозноста на војната што се води на нашиот континент против суверена и независна Украина. Kога ги разгледувавме можните приоритети на нашиот мандат како иден претседавач, токму ова, како и преостанатите регионални предизвици и отворени прашања, нѐ натераа да се вратиме на основните вредности врз кои се потпира иницијативата – добрососедските односи, стабилноста, безбедноста, соработката стремежот за интеграција на нашите земји во евро-атлантското семејство на слободни и демократски народи, рече Османи.
Меѓу другото, тој ја истакна важноста од заедничко дејствување за доброто на граѓаните на регионот, а во овој контекст и големата улога на земјите учеснички на ПСЈИЕ кои се и земји-членки на ЕУ.
Османи изрази благодарност за новиот план за раст на Западен Балкан, објавен од претседателката на Европската комисија Фон Дер Лејен минатата недела во Братислава, како навремен одговор на нашата молба за поголема интеграција пред членството во ЕУ.
-Тој процес треба да донесе некои од придобивките од членството за луѓето од Западен Балкан веќе денес, порача Османи.