– СДСМ ги повикува сите пратеници на одговорност, да се вклучат во дискусијата во Собранието и да ги поддржат уставните измени. Сите 120 пратеници, како претставници на народот и избрани од народот, имаат обврска на прво место да ги стават граѓаните, да ги стават државните, национални и стратешки интереси, изјави денеска на прес-конференција во Парламентот, пратеникот Мартин Костовски.
– Свесни и благодарни на своите предци за жртвите и посветеноста во нивните заложби за создавање на самостојна и суверена држава Македонија, мора да покажеме одговорност пред иднината на татковината. Имаме неповторлива шанса да го продолжиме европскиот пат и да оствариме уште една стратешка цел: членство во ЕУ до 2030 година. Со признаен и потврден македонски јазик во ЕУ и македонски идентитет. Да бидеме рамо до рамо на големата маса, рамо до рамо со државотворните европски народи. Граѓаните сакаат и заслужуваат да бидат европски граѓани, да имаат европски квалитет на живот и европски животен стандард, во европска држава, а тоа да биде нивната родна земја, рече Косотвоски.
Предлогот за измена и дополнување на Уставот е доставен до македонското Собрание. Како што посочи, измените се однесуваат на додавање делови од народи во Уставот, во Преамбулата и во само два члена, 49 и 78. Се додадат деловите од бугарскиот народ, хрватскиот народ, црногорскиот народ, словенечкиот народ, еврејскиот народ и египќанскиот народ.
– Целата македонска јавност, сите граѓани, може да се уверат дека станува збор за измени кои само го унапредуваат македонскиот устав и го зајакнуваат македонскиот идентитет. Прво, затоа што ги унапредува основните права на деловите од народи кои живеат во нашата земјата и второ ја истакнува посебноста на македонскиот народ. Еднаш засекогаш да ставиме крај на тезата: еден народ – две држави. Затоа, да се обединиме околу иднината на земјата со глас за Европа во македонското Собрание. Да не дозволиме ситни интереси на поединци и политички кариери скапо да ја чинат земјата и да влезе во нова изолација која ќе трае со години. Да не дозволиме самите од внатре да се блокираме на патот кон и ЕУ, и нови загубени 10, 15 или 20 години додека регионот напредува. Без уставни измени нема членство во ЕУ. Сите пратеници коишто навистина се за членство во ЕУ ова е шансата на дело да ја докажат. Без изговори, без калкулации. Глас за Европа е глас за подобра македонска иднина, повика Косовски.