Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците на денешната седница го разгледува Годишниот извештај за спроведување на Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2021-2025, за период 01.01.2022 година до 31.12.2022 година, поднесен од Државната комисија за спречување на корупцијата – ДКСК. Расправата ќе продолжи по едночасовната пауза, а за збор се пријавени уште три пратеници.
Катица Николовска, заменик-претседателката на ДКСК, посочи дека предмет на извештајот се активностите кои се предвидени во акцискиот план и додаде дека вкупно се детектирани 54 проблеми за сите сектори за нивно надминување се креирани 111 мерки и 191 активности.
-Вкупно предвидените активности кои биле предмет за реализација за 2021 година, а кои не се реализирани и се пренесени за 2022 година се 95 активности, тековни планирани активности за 2022 година се 70 што значи дека вкупниот број на активности што требало да се имплементираат во 2022 година е 165, рече Николовска.
Додаде дека во извештајот има преглед на дадени реализации, мерки и активности.
-Од извештаите што се дадени од институциите задолжени за нивна реализација утврдено е дека од 165-те предвидени активности за 2022 година 17 се реализирани, 90 не се реализирани, а 58 активности се во тек, прецизира Николовска.
Во извештајот, како што кажа, се дадени детални анализи и објаснувања.
Ангелина Петкова од ВМРО-ДПМНЕ рече дека извештајот покажува дека е недоволна посветеноста на институциите за навремено спроведување на дадените активности иако, како што рече, ДКСК си ја врши својата работа и со Стратегијата сакаше да направи коренити промени да ги контролира институциите во државата.
-Тоа е непочитување на Стратегијата и непочитување на ДКСК што го спроведува власта, истакна Петкова.
Повика да се подобри состојбата и да се спроведуваат мерките и активностите дадени во Стратегијата и додаде дека можеби треба да се подобрат насоките во Стратегијата, но да не бидат во насока на продолжување на рокови или амнестирање на неодговорните институции.
Дајанчо Ефтимов од истата парија ја повика претседателката на ДКСК да организираат надзорна расправа во законодавниот дом како механизам за контрола на функционерите кои не ги исполнуваат обврските.
-Овој извештај е основа за кривично гонење на носителите на јавни функции кои не си ги исполнуваат обврските, рече Ефтимов.
Лидер од институциите кои не ги реализираат активностите, како што кажа, е Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а клучните институции имаат реализација од само 10 отсто.