– Секако како ЕУ секогаш сме велеле дека е многу важно да се има јавна дебата поврзана со уставните измени и се разбира дека тоа што се случи со усвојувањето на текстот за уставните измени во самата Влада, го поздравуваме ние, како ЕУ. Се разбира по што следи, значи самиот процес во Собранието на вашата земја, меѓутоа би сакал исто така да потенцирам дека прашањето во врска со уставните амандмани, тоа е суверена одлука на вашата земја, тоа е прашање коешто треба да го адресира вашата земја, рече евроамбасадорот Дејвид Гир во одговор на новинарско прашање на МИА какви се очекувањата на ЕУ од почнувањето на процесот на уставните измени при денешната посета на Радовиш.
Според него, пратениците во Собранието кога ќе ги разгледуват предлозите, односно текстот на уставните измени, секогаш пред нив да го имаат националниот интерес на државата и секогаш на ум да ја имаат европската иднина на земјата.
Шефот на Делегацијата на ЕУ, амбасадорот Дејвид Гир, во рамките на „ЕУ со ТЕБЕ“, денеска се сретна со градоначалникот на Радовиш, Ацо Ристов, членовите на Советот на Општината и администрацијата и претставници на граѓанските организации.
Гир по средбата истакна дека се разговарало за многу прашања и проблеми со кои се соочуваат граѓаните на Радовиш. Евроамбасадорот истакна дека во Радовиш со помош од ЕУ е изградена пречистителна станица, а разговарале и за тековни проекти.
-Се работи за зелениот модел за затоплување на Општина Радовиш, но и за идната соработка меѓу ЕУ и Радовиш. Ме импресионираше самоницијативноста на граѓаните и нивните претставници во локалната власт и тоа е единствениот начин за да може Општината да се развива во иднина, рече евромбасадорот Дејвид Гир.
Градоначалникот Ацо Ристов подвлече дека Радовиш денеска има еден европски ден, во кој граѓаните ќе можат директно да бидат информирани од амбасадорот за сите идеи и прашања, како и дилеми кои ги мачат околу патот на нашата земја кон ЕУ.