– Претседателот на Собранието Талат Џафери на аудиенцијата кај Папата Франциск во Ватикан изрази надеж дека Северна Македонија што поскоро ќе ги почне преговорите со ЕУ, бидејќи, како што посочи, одолговлекувањето на процесот предизвикува евроскептицизам.
-Во однос на членството во ЕУ моментално кај нас се одвива скрининг процесот и ни претстојат уставни измени за кои мора да обезбедиме двотретинско мнозинство. За жал предолгото чекање пред вратите на ЕУ предизвика и слабеење на поддршката на граѓаните за интеграцијата, меѓутоа се разбира нема да се откажеме од постигнувањето на оваа стратешка определба, истакна Џафери.
Тој уште еднаш ја изрази поддршката на Република Северна Македонија за Украина и ја осуди, како што рече, неправедната и неиспровоцирана агресија на Русија врз оваа земја.
Џафери на средбата потсети дека веќе сме полноправни членки на НАТО Алијансата и сме активни чинители во одрќувањето на глобалниот мир. Оваа година, додаде тој, сме и земја претседавач со ОБСЕ.
Говорејќи за соработката меѓу Република Северна Македонија и Светата Столица, Џафери на средбата со папата Франциск, посочи дека двете држави се нераскинливо поврзани преку историски врски на важните личности од заедничкото минато, кои се темелат на заедничките историски, културни и верски традиции.
-Но постои широк потенцијал за понатамошно унапредување на тоа партнерство, како на билатерален, така и на меѓународен план, особено преку Националната библиотека „Св. Климент Охридски“- Скопје и Ватиканската библиотека, како и меѓу тајниот Архив на Ватикан и Државниот архив на МК, меѓу Институтот за национална историја на Северна Македонија и Ватиканската библиотека и Архив во размената на научно – истражувачки работници, како и преку потпишување на меѓудржавен договор за регулирање на надлежностите во сферата на високото образование меѓу двете држави, по моделот на вакви слични договори што ги има Светата Столица со земји од регионот, рече претседателот на Собранието.
Џафери нагласи дека Република Северна Македонија е мултиетничка, мултикултурна и мултиконфесионална држава во која има длабока традиција на меѓурелигиска толеранција, се почитуваат различните верски чувства и се негуваат конфесионалните слободи.
Во контекст на тоа додаде дека верските заедници и религиозните групи имаат висок степен на взаемна соработка и црквите дејствуваат непречено во реализацијата на своите цели.
-Постои плодна соработка со Католичката црква во Република Северна Македонија и нејзината конструктивна улога покрај другите религии е дополнителен вредносен фундамент на религиска коегзистенција, нагласи Џафери.
Папата на средбата порача дека треба да има единство во напорите за да се обедини Европа.
По аудиенцијата кај Папата Франциск, претседателот на Собранието, Џафери оствари средба и со кардиналот Паролин и монсињор Галагер. На средбата Џафери ги истакна официјалната посета на кардоналот Паролин во 2016 година и првата посета воопшто на секретар за односи со државите на Римокатоличката црква во Република Северна Македонија, искажувајќи надеж дека по овие посети ќе следат идни посети на високо ниво во насока на динамизирање на билералната соработка со Светата Столица.
-Верувам дека билатералните дипломатски односи кои идната година се заокружуваат на 30 години, дополнително би добиле на интензитет и би се отвориле нови можности за соработка доколку во Скопје се отвори Нунцијатура на Светата Столица во Република Северна Македонија, рече Џафери.
По официјалните средби, делегација предводена од претседателот на Собранието Талат Џафери ќе присуствува на молебен во Базиликата „Сан Клементе“.
Во државно – црковната делегација се пратениците Соња Мираковска од СДСМ, Дафина Стојаноска од ВМРО – ДПМНЕ, Арбер Адеми од ДУИ, генералниот секретар на Собранието Цветанка Иванова, директорот на Комисијата за односи со верски заедници, Даријан Сотировски, директорката на Институтот за македоснки јазик, Елена Јовановска Грујовска, митрополитот европски г. Пимен, митрополитот Тетовско-гостиварски г. Јосиф и отец Митко Газинковски од Македонската православна црква- Охридска архиепископија и отец Зоран Стојанов од Католичката црква. дма/цр
Фото:фејсбук на претседателот на Собранието Талат Џафери