Дваесет и седум млади претставници од политички партии и граѓански организации успешно ја завршија двегодишната програма насловена „ Институт за напредно политичко лидерство“ (Advanced Leadership in Politics Institute – ALPI) која ја спроведува Меѓународниот републикански институт (ИРИ). АЛПИ поттикнува младински развој, дијалог, меѓупартиска и меѓуетничка соработка помеѓу младите политички лидери, како и соработка помеѓу нив и преставниците на граѓанскиот сектор. Како дел од Институтот за напредно политичко лидерство (АЛПИ) на ИРИ, младите носители на промени стекнаа знаења и вештини за креирање политики засновани на докази, како и практики кои би помогнале да владеат подобро, а со тоа и да ја добијат довербата на граѓаните.
„Вакви програми кои обединуваат млади лидери од различни партии и етнички заедници се неопходни за да се зголеми меѓусебната доверба и да се поттикне размена на идеи и соработка кои би биле од корист за граѓаните. Се надеваме дека овие млади луѓе ќе го добијат местото кое го заслужуваат во нивните партии и во институциите и ќе бидат пример за успешни менаџери кои ги адресираат потребите и проблемите на граѓаните.“, изјави Кристофер Бренан, резидентен програмски директор на Меѓународниот републикански институт во Северна Македонија.
На свеченоста по повод завршувањето на програмата и доделувањето на сертификатите на учесниците која се одржа на 1 јуни се обрати и Н.Е. Анџела Агелер, амбасадорка на САД во Северна Македонија. На настанот присуствуваа и голем број политички лидери и партиски преставници, а беа претставени и членовите на втората генерација на Институтот за напредно политичко лидерство (АЛПИ).
Вкупно 12 политички партии и 7 граѓански организации имаат свои претставници во АЛПИ. Институтот за напредно политичко лидерство, кој за првпат се спроведува во земјава, е финансиски поддржан од Стејт департментот на САД. Освен во Македонија, Меѓународниот републикански институт (ИРИ) оваа програма ја спроведува и во Албанија, Босна и Херцеговина, Србија и Црна Гора.
Меѓународниот републикански институт (ИРИ)