Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски синоќа од Кичево со порака дека доколку само еден пратеник на партијата ја изневери неговата доверба и гласа за уставни измени тој ќе се повлече од политиката.
„Тоа го кажав и пред нецела година и стојам зад тоа. Ќе го слушнете Димитар Ковачевски дека јас сум се борел за фотелја. А јас кажувам дека ако само еден пратеник ме изневери дека заминувам од политиката. Па кој тогаш се бори за фотелја. Нема некој кој што повеќе од него се бори за фотелја“, изјави Мицкоски.
Оценува дека македонскиот народ денеска е исправен можеби пред најголемиот егзистенцијален предизвик, а тоа е како што рече, да се избори за себе и за својата Македонија.
„Дали тоа ќе го направиме? Да! Ќе се избориме сите заедно, затоа што ја чувствувам поддршката на народот каде и да одам низ Македонија. Во таа борба има многу предизвици, и од внатре и од надвор. Многумина ќе дојдат до вас, ќе ви ја стегнат раката и ќе ве погледаат во очи и ќе ви кажат се што сакате да слушнете. Но, внимавајте истите тие кои што ќе ви кажат се што сакате да слушнете, позади завесата се договараат со нивните стопани. Кои се нивните стопани? Сите тие кои што не сакаат овој народ да успее и оваа држава да успее“, рече Мицкоски.
Истовремено потсети на периодот кога тогашната власт бараше гласови за менување на името на Република Македонија.
„Трчаа по ВМРО-ДПМНЕ и најдоа осум гласови. Тоа беше голем срам за партијата“, истакна тој.
„И не беа само осумина пратеници, беа повеќе, имаше неколкумина кои беа на ‘резервната клупа’. Да, тоа е вистината. Додека не ја погледнеме вистината во очи, нема да бидеме подобри. Така беше. И затоа ви повторувам, ако еден пратеник ја изневери мојата доверба, јас заминувам од политиката“, потенцира лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
„Колку да ви кажуваат било какви романтични предлози и идеи дека ќе направиме вака и така, верувајте тие ве мамат“, нагласи Мицкоски.