Од денеска се возиме со Ана Зафирова, Стрезо Стаматовски и Стефан Николовски во ТВ Такси 28

тв-такси2
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Вчера, по повод на Денот на Европа, на Националниот сервис МРТ 1 се емитуваше првата емисија од мултимедијалниот проект ТВ Такси 28 во кој домаќини, на едно необично забавно возење по многу локации, се Ана Зафирова, Стрезо Стаматовски и Стефан Николовски. Ова е проект кој во 30 минути успешно сместува дебати на актуелните теми и информации од и за Македонија, а учеството е достапно за сите.

Името на емисијата е инспирирано од симболиката на движењето на повеќе локации и дестинации во Македонија. ТВ Такси 28 ве води низ интересни и различни теми кои се занимаваат со културата на живеење и вредностите кај нас и во Европа. “Јас сум таксистот и нема нешто што не знам. Имам широки погледи, кога треба, ама пак си ја сакам и традицијата и оние познатите вредности со кои сум растел. Верувам дека во емисијата ќе си зборнеме за сѐ што е важно да се разговара и дискутира.“, вели Стрезо Стаматовски.


Ана Зафирова, која сите ја препознаваме по незаборавниот проект „Врти сучи тоа ти е Скопје“ е задолжена за новинарски да ја држи приказната под контрола и секогаш да ја врати дискусијата на тема.

ТВ Такси 28 е предизвик за мене затоа што отвора многу теми кои се важни за развојот на нашата земја и поттикнува голем број на луѓе со најразлични ставови и гледишта да се вклучат во активностите со цел да станеме дел од големото европско семејство.“, вели Ана.

Стефан Николовски, актер и стенд ап комичар е оној кој во ова шоу ќе внесе хумор и забава и ќе сврти на шега тогаш кога има опасност дискусијата да стане преинтензивна.

Јас во ТВ Такси 28 сум криптоекспертот зависен од социјални мрежи. Факт е дека многу од темите најчесто се коментираат на социјалните мрежи и таму може да се видат размислувањата на луѓето но недостига акција, недостига платформа која ќе ја канализира целата таа комуникација за важни теми за иднината. Верувам дека вебсајтот tvtaxi28.mk на кој може да се оставаат коментари на темите и да се развива дискусија како и профилите на социјалните мрежи ќе бидат вистинско место за интересна дискусија и доближување луѓето околу заедничките цели.“ , вели Стефан.

Во вчерашната прва емисија во ТВ Такси 28 се возеше амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Дејвид Гир. Доколку ја пропуштивте, реприза ќе може да гледате во сабота во 9.30 часот, термин кој ќе биде редовен за премиерно прикажување на секоја следна емисија од проектот. За сите кои претпочитаат онлајн искуство секогаш е тука YouTube каналот TVTaxi28.

ТВ Такси 28 е проект финансиран од Европската Унија, а реализиран од „Мунлајт продукција.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK