Вчера напладне новинарската екипа на телевизијата ТВ Коха била спречена да ја врши својата професионална работа во врска со пожарот кој веќе втор ден гори во општина Брвеница. Екипата пристигнала на местото каде што требале да снимат видео инсерти и после неколку минути снимање, се појавило лице во цивилна облека кое агресивно се однесувало и со викање, навреди и закани им забранувал да снимаат. Се обидел и да ги избрка од локацијата, известуваат од ЗНМ.
„До ЗНМ и денеска пристигна реакција од повеќе колеги новинари и медиумски работници кои во текот на овој ден биле спречени при вршење на професионална работа на јавен простор. Во текот на денешниот ден телевизиски екипи од повеќе медиуми и дописници од полошкиот регион се обиделе повторно да снимат инсерти од местото на настанот, но повторно истото лице со агресивен и остар тон им се обраќал на новинарите, па дури и физички се заканил кон нив и покрај присуството на полицијата“, соопштува ЗНМ.
Здружението на новинари на Македонија го осудува овој инцидент и ќе го следи случајот.
„Бараме реакција и од општина Брвеница, која посочената депонија ја дала под концесија на приватен сопственик. Бараме и од МВР да се преземат конкретни мерки против лицето, со цел во иднина да не се случува попречување на правото на работа на новинарите и правото на информирање на граѓаните.
Сакаме јасно да истакнеме дека односот кон новинарите и медиумите кои работат на терен е од критична важност за слободата на информирање и изразување во демократското општество.
Насилството и спречувањето на новинарите да ја извршуваат својата професионална задача е неприфатливо, не е во сообразност со демократските вредности и придонесува кон цензура“, се додава во соопштението на ЗНМ.