Портпаролот на ЗНАМ, Никола Мемов, изјави дека анализата на работењето на функционерите на партијата покажала дека тие се во рамките на спроведувањето на владината програма, додека за владината реконструкција рече дека сè уште нема конечен договор за ниту едно прашање и дека разврска се очекува кон средината на следната недела.
На прес-конференција, Мемов рече дека ЗНАМ направила анализа на работењето на своите функционери, вклучително и на двајцата министри.
„Ние направивме анализа на работењето на нашите функционери и генералната оценка е дека се во рамките на спроведување на владината програма“, рече Мемов.
Во однос на преговорите за владината реконструкција и прашањето дали се веќе договорени промените, односно дали ЗНАМ ќе го изгуби ресорот правда, тој изјави дека лидерските средби веќе се одржале, а преговарачките тимови работат во континуитет.
„Ние имавме неколку средби на партиско лидерско ниво и преговарачките тимови работат во континуитет. На маса се сите отворени теми. Нема конечен договор за ниту едно прашање. Очекуваме разврска кон средината на следната недела“, рече Мемов.
Запрашан што бара ЗНАМ за возврат доколку го напушти ресорот правда и дали станува збор за Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии или Министерството за одбрана, Мемов одговори дека ЗНАМ не барала да влезе во Владата, туку била поканета од ВМРО-ДПМНЕ.
„Пред две години Движењето ЗНАМ – За Наша Македонија беше покането од страна на ВМРО-ДПМНЕ да учествува во владата со свои кадри, имајќи ги во предвид изборните резултати, но и кадровскиот потенцијал и искуство што може да го даде ЗНАМ во владата. Оттаму, ние не сме тие кои што бараа да влезат во владата. Ние бевме поканети да влеземе во владата“, рече тој.
Во врска со тоа дали се анализира работата на секој министер поединечно и дали тоа може да биде причина за промени, Мемов рече дека се прави анализа и евалуација на работата на сите министри, а не само на министрите од ЗНАМ.
„Ова не е испитување и оценка на министрите на ЗНАМ од страна на ВМРО-ДПМНЕ. Значи, се прави анализа на работата на сите министри во владата и генерално работата на владата и спроведувањето на владината програма. ЗНАМ во владата влезе не заради задоволување на лични амбиции и задоволување на кадровски решенија од ЗНАМ. Ние влеговме во владата поради остварувањето на програмските определби, цели и принципи на ЗНАМ кои што се составен дел на владината програма. Оценуваме дека во овој двегодишен мандат владината програма се спроведува со интензитет и на начин кој што сме го димензионирале на самиот почеток при влезот во владата“, изјави Мемов.
На прашањето дали постои можност ЗНАМ да нема конечен договор со ВМРО-ДПМНЕ и што тоа би значело, Мемов кусо одговори дека „сите опции се отворени“.