Проблемите поврзани со прекубројноста на осудените лица и несоодветните материјални услови во кои што се сместени, што содава висок ризик од меѓузатвореничко насилство, и проблемот за кој со години не се изнајде решение, пружање на навремена здравствена заштита на осудените/притворените лица, сѐ уште се присутни во Казнено-поправните установи, утврди Народниот правобранител.
На денешната презентација на Годишниот извештај на Националниот превентивен механизам (НПМ), во рамките на Меѓународниот ден за поддршка на жртвите од тортура – 26 јуни, Зибери рече дека е општа констатацијата дека во најголемиот затвор во државата КПУ „Идризово“, во таканареченото затворено одделение, во најголемиот дел од просториите не се почитуваат Европските затворски правила според кои како минимален стандард за сместување лица лишени од слобода се налагаат 4m2 индивидуален простор во заедничко домување, или 6m2 во самостојно домување, напротив, тука, како што рече, условите доведуваат до нечовечки и понижувачки третман на осудените лица.
– Ова го поткрепувам со затекната сосотојба од двете последователни посетите на НПМ во 3, 4 и 7 крило, како и во т. н Амбуланта, сите дел од затвореното одделение. Имено, на денот на посетата во т.н. трето крило беа сместени вкупно 72 осудени лица. При увидот беше утврдено дека во една од просториите којашто е со површина од 14,28m2 беа сместени 15 осудени лица, од коишто 6 осудени лица спиеја на душеци на подот, а останатите на кревети на 4 ката. Во друга просторија чија површина е 21,5m2 беа сместени 11 осудени лица, додека во трета просторија во истото крило во просторија од 19,4m2 беа сместени 10 осудени лица, рече правобранителот, дополнувајќи дека иако по нивната втора посета дел од затечените лица кои спиеле на подот во крило 4 се префрлени во Амбуланта, сепак, и понатаму останува констатацијата дека состојбата е далеку од добра.
Сериозно загрижувачка состојба била затекната и во четврто крило, каде што на денот на посетата Народниот правобранител утврдил дека биле сместени вкупно 124 осудени лица, од кои 36 лица спиеле на душеци на под во самиот ходник од крилото и користеле заеднички тоалет, а во просториите каде што биле сместени другите осудени лица не било ништо подобро, имајќи предвид дека во една од просториите со 19m2 биле сместени 13 лица.
– Во т.н. седмо крило беа сместени 67 осудени лица, од кои малкумина спиеја на душеци на под, но проблемот со пренатрупаноста и тука беше присутен, па така во просторија од 17 m2 беа сместени 14 лица, а во друга просторија со иста квадратура 8 лица, рече Зибери.
Во моментот на посетата во т.н Амбуланта, како што појасни, биле сместени вкупно 96 осудени лица, или заедно со т.н. старечко одделение вкупно 114 осудени лица.
– Во тој период левиот дел на приземјето беше затворен и во тек беа активности за реновирање. Во останатиот дел од зградата беше констатирано дека осудените лица се сместени во простории во кои што нема доволно кревети за секого. Во една од просториите со 15m2 беа сместени 13 осудени лица а од осудениците сместени тука се добија информации дека спијат по двајца истовремено во еден кревет или на смени и на земја. Осудените лица се пожалија на нефункционалност на бањите, поради што мора да се тушираат во т.н. старечко одделение, кое што е физички издвоено и каде често нема ни топла вода, рече тој.
Од податоците содржани во дневните и вечерни билтени, тимот на НПМ констатирал дека во установата секојдневно, некогаш и повеќепати дневно, се повикува екипа на Итната медицинска помош, а скоро секојдневно се прават и спроводи до државната клиника.
– Ваквата состојба укажува на фактот дека медицинскиот персонал кој е редовно присутен во установата е недоволен и не е во можност целосно и навремено да одговори на здравствените потреби на осудените лица, заклучува правобранителот.
Тој спомена дека лицата лишени од слобода во КПД Идризово, исто така, се жалат и на корупциј. Па така, како што рече, и во овој годишен извештај е сѐ уште актуелен проблемот дека за добивање на одредена погодност сè уште се користи начин што подразбира плаќање одредени погодности.
Во 2022 година НПМ тимот го посетил и Затвор Битола, каде, исто така, констатирале недоволна екипираност со кадар, па за да се покрие недостатокот на кадар, се ангажираат лица со договор за дело, кај некои и во времетраење подолго од една година.
– Заради гореконстатираното, а пред сè имајќи ја предвид прекубројноста како постојан проблем на пенитенцијарниот систем во државата, тимот на НПМ повторно упатува на потребата од развивање на системски пристап во справување со прекубројноста во казнено-поправните установи, преку воспоставување постојан дијалог, заедничко разбирање и дејствување на надлежните власти, раководителите на управата за извршување на санкции и казнено-поправните установи, законодавците, судиите, обвинителите и сите други активни чинители, посочи Зибери.
Како позитивен исчекор за поздравување го издвои континураното зголемување на пробациските предмети, но, нагласи дека мора да се направат дополнителни напори за целосно искористување на можностите што ги нуди националната регулатива со цел намалување на бројот на осуденичката популација.
Во текот на 2022 година тимот на НПМ спровел вкупно 19 ненајавени посети, од кои девет посети во полициски станици од општа надлежност на подрачјето на Секторите за внатрешни работи (СВР) Скопје, Битола и Тетово, три посети во казнено поправни и воспитно поправни установи, една посета во дом за стари лица „Мајка Тереза“ – Скопје, две посети на психијатриски болници „Скопје“ и „Демир Хисар“, како и четири посети на места каде што се врши сместување или задржување на странци и баратели на азил.
Минатата година, како што информираше Зибери, во фокусот на постапувањето на НПМ-от биле психијатриските болници, поточно нивните форензички/судски одделенија при што биле посетени две психијатриски установи, односно судските одделенија во истите, Психијатриска болница „Скопје“ и Психијатриска болница „Демир Хисар“ во кои што, исто така, биле констатирани лоши услови.
Покрај ова, Народниот правобранител се осврна и на состојбите со Воспитно поправниот дом – Тетово, полициските станици, местата каде што се врши сместување или задржување на странци и баратели на азил и Геронтолошкиот дом „13 Ноември“.