Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка усвоен од Собранието

kovachevski-sobranie.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Собранието на Република Северна Македонија денеска го усвои Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, кој беше подготвен на иницијатива на заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска.


Со изгласувањето на овој закон се дава зелено светло за воведување на дополнителен антикорупциски механизам во нашето законодавство, со цел да се постигнат поголеми резултати во борбата со корупцијата и организираниот криминал, односно поефикасно справување со неказнивоста и нелегалното стекнување имот, се наведува во соопштението на владината прес-служба.

Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка цели кон заштита на јавниот интерес на Република Северна Македонија на начин што се оневозможува каква било корист од имот, за кој, во постапката согласно овој закон, ќе се утврди дека не бил стекнат од законски извори. Со овој закон се ограничува правото на сопственост во согласност со Уставот, законот и меѓународните стандарди и праксата на ЕСЧП за овој вид на конфискација.

Овој закон не претставува замена за конфискацијата во кривична постапка, туку е дополнителен помошен инструмент и механизам. Особено е важно што со законот се предвидува можност конфискуваниот имот во граѓанска постапка да биде даден на користење за остварување на социјалните потреби и цели во општеството.

Изработката на предлог Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка започна со нацрт текст заснован на физибилити студија и анализа на состојбите и моделите на конфискација во модерните правни системи, која беше подготвена во соработка на Кабинетот за политики за добро владеење со Советот на Европа, по што следуваше формална изработка на предлог законот од страна на работна група составена од претставници на релевантните домашни институции, се додава во соопштението.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK