Во периодот од 18.05.2026 до 31.07.2026 година, Секторот за сообраќајни работи при Министерството за внатрешни работи спроведе зајакнати акциски контроли на целата територија на државата, насочени кон возачите на велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли.
При спроведените контроли, констатирани се вкупно 6.932 прекршоци сторени од возачи на велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли и четирицикли, како и 33 прекршоци сторени од возачи на велосипеди, извести МВР.
„Најголем број прекршоци се констатирани на подрачјето на СВР Скопје – 2.146, СВР Битола – 992, СВР Велес – 856, СВР Куманово – 583, СВР Штип – 544, СВР Тетово – 541, СВР Охрид – 420 и СВР Струмица – 327, додека од страна на Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата констатирани се 556 прекршоци.
Од вкупно констатираните прекршоци, 5.678 се однесуваат на неносење заштитен шлем – кацига при управување со овие видови возила. За сите констатирани прекршоци преземени се соодветни мерки согласно Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.
Во текот на спроведените контроли констатирани се и 15.715 други прекршоци, а против 503 возачи се поднесени кривични пријави согласно член 297-а од Кривичниот законик.
Министерството за внатрешни работи продолжува со зајакнатите акциски контроли на целата територија на државата, со цел унапредување на безбедноста во сообраќајот и доследно почитување на сообраќајните правила и прописи.
Апелираме до сите возачи на велосипеди, велосипеди со помошен мотор, мопеди, мотоцикли, трицикли, четирицикли и лесни електрични возила одговорно да учествуваат во сообраќајот, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, задолжително да користат заштитен шлем – кацига и да не управуваат под дејство на алкохол или други психоактивни супстанции“, соопшти МВР.