Министерот за внатрешни работи во техничката Влада, Панче Тошковски објави дека вчерашната одлука на Владата со која се поништени пет наредби донесени од негова страна е скандалозна и спротивна на законите.
„Една од петте поништени наредби се однесува на работник во Министерството за внатрешни работи кој се упатува да извршува работни задачи во управните служби во Ново Село каде се соочуваме со кадровски дефицит во делот на издавањето на лични документи, а со ваквата одлука на Владата практично се доведува во прашање функционирањето на оваа организациска единица, односно издавањето на лични документи на граѓаните на оваа Општина.
Останатите четири наредби се однесуваат на советници од мојот кабинет со кои им се даваат конкретни насоки за постапување, а со нивното поништување исто така се влијае на работата на Министерството на највисоко ниво кое во претстојниот период треба да биде гарант за спроведување на мирен и демократски изборен процес“, напиша Тошковски на социјалните мрежи.
Владата на вчерашната седница, како второстепен орган, прогласи за ништовни пет наредби за кадровски прераспоредувања и распоредувања во подрачни сектори на МВР и во Бирото за јавна безбедност донесени од страна на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, бидејќи биле со едностран потпис.