По објавите во неколку медиуми дека вработени во државни институции стојат зад веб-страниците кои ја напаѓаа претседателката на Врховниот суд Беса Адеми и нивното поврзување со Артан Груби, вицепремиерката за добро владеење Славица Грковска го охрабри истражувачкото новинарство. За неа е неприфатливо институциите да имаат такви веб-страници, но на новинарско прашање дали за тоа разговарала со Груби, вицепремиерката само кусо одговори „не“.
„Сметам дека е апсолутно неприфатливо институциите да поседуваат веб-страници кои што ќе бидат во функција на политичка партија или каква било политичка конотација“, рече вицепремиерката Грковска која денес имаше обраќање на работилницата „Институции за граѓаните“ посветена на вредностите и доброто управување со јавната администрација.
Вицепремиерката Грковска очекува истражните органи да преземат мерки објавите за злоупотреби во институциите и потсети дека таа нема надлежност оти не е истражен орган но истражните органи имаат обврска да постапуваат и по допрен глас.