За Бојмацалиев полицијата е модерна и европска, Тошковски, пак, шокиран од недостоинствените услови во кои работат

oskovski-i-bojmacaliev.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK







Единствено жалам што немавме кога да издадеме уште една монографија за периодот 2022 – 2024 година, рече Бојмацалиев

Со свеченост во паркот кај авионот во скопско Ново Лисиче денес беше одбележан Денот на полицијата, 7 мај. Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски и дополнителниот заменик-министер Митко Бојмацалиев во говорите уште еднаш покажаа дека различно гледаат на состојбите во македонската полиција. Бојмацалиев, кој говореше прв, а го слушаа само првите неколку редови гости и полицајци оти голем дел од столчињата беа празни, смета дека полицијата е модерна и европска. За разлика од него, техничкиот министер Тошковски го шокирале условите во кои работат полицајците.

„Овој празничен момент не е време да држиме долги политички говори туку да се осврнеме на клучното во полициската професија, а тоа се нашите колеги, полициските службеници кои секојдневно посветено и неуморно ги извршуваат своите службени задачи. Оддавам признание на колегите кои не се со нас, вечна им слава. Сверна Македонија е прогласена за најбезбедна земја на Западен Балкан од страна на глобалниот индекс за мир бидејќи вложувавме во развојот на модерна и европска полиција. Вложивме 17 милиони евра во подобри услови и изградба на полициски објекти, 14 милиони евра за нови униформи  и опрема, ја покачивме платата за 35 отсто и ги исплативме сите бонус плати. Единствено жалам што немавме кога да издадеме уште една монографија за периодот 2022 – 2024 година бидејќи во тој период се реализираа бројни достигнувања за државата и за полицијата. Благодарам од срце за сите убави моменти од 2017 до денеска. Со гордост можам да кажам дека успеавме МВР да ја направиме МВР за граѓаните. Уверен сум дека создадовме одлични услови за полицијата да остане непоколеблив бедем за заштита“, рече Бојмацалиев.

Ни најмалку не очекував дека ќе се соочам со олку недостоинствени услови за работа на припадниците на полицијата, рече техничкиот министер Тошковски

Веднаш по него, техничкиот министер Тошковски заблагодарувајќи им на полицајците, кажа дека работат во недостоинстевни услови.

„Утре навршуваат 100 дена од моето раководење со оваа значајна институција, 100 дена макотрпна работа во кои го дадовме најдоброто од себе за да им служиме на граѓаните. Кога ја добив честа да бидам назначен на оваа позиција во рамки на техничката Влада, знаев дека ме очекува напорна задача и знаев дека сум исправен пред тежок и сериозен предизвик, но ни најмалку не очекував дека ќе се соочам со олку недостоинствени услови за работа на припадниците на полицијата, а истовремено и дека ќе сведочам на толку неизмерна желба меѓу нив за професионално и чесно да си ја вршат својата должност и да помагаа на они на кои тоа им е најпотребно. Краток период, би рекол, но сметам дека е и повеќе од доволен за да увидам одблизу дека во полициските редови се уште има чесни луѓе, луѓе кои си ја сакаат татковината и луѓе кои работат за нејзино добро“, рече Тошковски.

Свеченоста почна со празни столчиња

Тој е задоволен што под негово водство полицијата успеала да обезбеди фер и демократски избори. Најави нова ера во министерството каде што унапредувањето ќе се врши исклучиво врз основа на мерит систем, а платите ќе го одразуваат непроценливиот придонес што го даваат полицајците за општеството.

„На истекот на овие 100 дена научив една многу важна лекција која се надевам дека ќе одекне меѓу сите вас кои сте тука денес. Можеби хероите во филмовите носат наметки, но хероите од нашата реалност носат полициски униформи“, рече техничкиот министер за внатрешни работи Тошковски.

Тој им врачи благодарници и плакети на најдобрите полицајци, а присутните проследија и прелет на три полициски хеликоптери.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK