Владата ја разгледа и усвои и Информацијата за известување за склучен Колективен договор на Сојузот на синдикати на вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и претседателот на Собранието.
Согласно донесените владини заклучоци, вработените во Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од овој месец ќе добиваат повисоки плати во просек за околу 22 отсто, а ретроактивно ќе им се исплати и разликата за месец јануари. Со ова, започнува исполнувањето на обврската на државата, којашто произлегува од Kолективниот поединечен договор на оваа високообразовна установа, потпишан на 29.12.2022 година, а со примена од 01.01.2024 година.
Според информацијата од Министерството за образование и наука, вкупно 3.000 професори, асистенти, административни и технички лица ќе почнат да добиваат зголемен износ на личниот приход по основ на плата за околу 22%, а дополнително зголемување за одреден процент ќе има и од месец март, кога е предвидено и зголемување на минималната плата во државата.
Станува збор за обврска согласно Kолективниот поединечен договор потпишан помеѓу Сојузот на синдикати на вработените на УКИМ и Собранието на Република Северна Македонија, како основач на високообразовната установа, а чијашто цел е унапредување на правата, можностите и материјалната состојба на вработените на Универзитетот.
Примената на Договорот се очекува значително да ја подигне мотивацијата за работа и квалитетот на наставно – научниот процес, во интерес на студентите и создавање што поквалитетни генерации, кои успешно ќе се интегрираат и ќе раководат со општествените процеси.
Министерството за образование и наука, во координација со другите надлежни институции, ќе се заложи унапредувањето на правата на вработените во високото образование и науката да продолжи и во иднина, преку поттикнување на склучување нови колективни договори и со останатите универзитети.