Вработените во „Еуроникел индустри“, поранешно „Фени“, точно напладне денес излегоа на протест пред фабриката и го блокираа патот Кавадарци – Дреново. По неколкуте неуспешни средби со претставници од Владата за поврат на ДДВ, тие се одлучија на ваков чекор за да се слушне нивниот глас. Претседателот на Синдикатот Миле Ѓорѓиев вели дека 800 вработени се уште чекаат плати за октомври, а единствен начин во овој момент да се исплатат платите е државата да им исплати ДДВ за август во висина од 1,2 милион евра оти досегашните сопственици ГСОЛ се откажале од фабриката.
„Немаме пари за храна, за сметки, луѓе треба да одат на операции, а државата ни должи 1,2 милион евра“, се пожалија вработените.
Претседателот на Синдикатот Ѓорѓиев, за „Макфакс“ веќе објасни дека со ДДВ за август кое им го должи државата ќе можат два месеци за исплатат и плати придонеси за сите вработени. Тие очекуваат исплата на ДДВ и за септември во висина од 1,1 милион евра.
Од Управата за јавни приходи за „Макфакс“ изјавија дека долгот на државата кон „Еуроникел“ е даночна тајна, но потврдија дека се правеле контроли во фабриката.
Вработените денес ќе останат на блокадите до 15 часот, а протестот ќе продолжи и следните денови. Доколку не наиде на соработка, Синдикатот за следната недела најави порадикални блокади.