Полицијата го потврди нападот што се случил попладнево во МНАВ.
Според информациите од МВР, во нападот учествувало и лице кое било вработено во институцијата.
„Денеска (04.01.2024) околу 15.15 часот во ПО Петровец лице вработено во М-НАВ пријавило дека во објектот имало нарушување на јавниот ред и мир односно дека Б.Н. (лице вработено во институцијата) заедно со уште неколку непознати лица физички ги нападнале П.Б., Е.К. и Б.Р. (лица вработени во институцијата). Веднаш по добиената пријава, полициски службеници од СВР Скопје се упатени кон местото на настанот и се преземаат мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.
Претходно претседателот на Синдикатот на контроли на летање, Александар Тасевски, објави дека непознати лица влегле во М-НАВ и физички нападнале дел од вработените.
„Возилата влегле без да бидат спречени од страна на обезбедувањето кое е од надворешна фирма на која според наши сознанија и е истечен договорот од пред извесно време а немаме информација дали им е продолжен повторно. Од друга страна не реагирало ни обезбедувањето на М-НАВ кое се наоѓа во самиот објект. Овој акт на насилство не само што претставува закана за секој еден професионалец во контролата на летање туку и за безбедноста во авијацијата кога секој еден може од надвор да влезе во објектот и да нападне вработени кои во тој момент извршуваат работни обврски“, објави Тасевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, објавија дека напаѓачите се партиски војници на ДУИ и натепале Албанци кои биле против партиските вработувања.
Претходно на прес-конференцијата беше соопштено дека до 30 оставки ќе бидат поднесени од вработени во М-НАВ поради наместени конкурси.