Во Собранието одбележани 28 години од геноцидот во Сребреница

SOBRANIE-srebrenica
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

„Сребреница – град за кој слушна целот свет, а подобро да не слушнеше“. Вака го почна своето обраќање пратеничката Санела Шкријељ, на денешната седница на Комитетот за односи меѓу заедниците, посветена на сеќавање на геноцидот што се случи пред 28 години во Босна и Херцеговина.







Во своето обраќање, Шкријељ нагласи дека, за само неколку дена, во јули 1995 година, беа убиени окол у осум илјади Бошњаци само затоа што се Бошњаци.

„Не смее да се релативизира. Сребреница мора да се нарече со вистинското име – геноцид. Оние кои го испланираа и спроведоа овој монструозен чин, сакаа да го лишат човештвото од неговите раси, етникуми и религии. Затоа ние сега мора да се залагаме за почитување на различностите и зашита на послабите и поранливите“, рече Шкријељ.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, во своето воведно обраќање, истакна дека после војна ништо веќе не е како што било претходно. Не може да се надомести празнината што останува на улиците, во домовите. Не се намалува ниту болката што се всадува во градите.

„Тоа го почувствував кога бев во Поточари пред неколку години. Го видовме и во очите на косовските избеглици. Го видов неодамна и во Украина. Секојдневието од ден на ден носи се позагрижувачки вести во блиското и подалечното соседство. Ние не можеме да ја ставаме главата во песок и да се однесуваме како да е се во ред и таму некаде далеку од нас. Во ова време на глобализација и напредна технологија и време на нови креативни начини на војување, мораме да се сплотиме! Живееме во свет кој е зависен од взаемната безбедносна поддршка, соработка, економска размена и трговија и задолжително сме свртени еден кон друг. Да застанеме цврсто еден покрај друг за безбедната иднина и опстанок на светот. Мораме да застанеме на страната на демократските вредности чии приоритети се човековите права и слободи, правото на живот и правото на избор. Затоа што, само така ќе победи доброто врз злото, разумот врз безумието“, рече Џафери.

Претседателката на Комитетот за односи меѓу заедниците, Арбана Пашоли, истакна дека денес се сеќаваме на темната и на бездушната страна на историјата, односно на еден од најгрозморните настани во поновата историја.

„Животот продолжува понатаму, ама сеќавањата остануваат, не само кај оние кои лично ја преживеале болката, туку и кај генерациите што доаѓаат. Затоа ние имаме одговорност да ги едуцираме нашите деца да бидат слободни во умот и во срцето и да ги почитуваат различностите“, рече пратеничката Пашоли.

На комеморативната седница на Комитетот за односи меѓу заедниците присуствуваа и националниот координатор за интеркултурализам, едно општество, развој на културата и меѓуресорска соработка, Роберт Алаѓозовски, заменик-директорот на Агенцијата за остварување на правата на заедниците, Џелал Хоџиќ, како и претставници на бошњачки невладини организации.

Алаѓозовски истакна дека, соочени со геноцидот во Сребреница, денеска имаме морална обврска да не дозволиме да се влошуваат општествените и односите меѓу заедниците.

„Треба да се спротиставиме на говорот на омраза и на стереотипите и да ги почитуваме и неговаме различностите, така што ќе градиме едно општество за сите“, рече Алаѓозовски.

Хоџиќ, пак, нагласи дека какво било негирање на геноцидот во Сребреница е неприфатливо за едно демократско општество.

„Секој ден се сеќаваме, а еден ден не се заборава. Сребреница е совеста на светот. Убиството на околу осум илјади Бошњаци е колективен неуспех на целиот свет“, рече Хоџиќ.

Обраќајќи се како претставничка на бошњачките НВО во земјава, Изета Бабичиќ изрази благодарност за, како што рече, институционализирањето на сеќавањето за геноцидот во Сребреница.

„Заради превентива и за да ги заштитиме младите, треба редовно да се потсетува на оваа тема. Затоа што ваков геноцид не смее да се заборави, но и не смее да се дозволи да се повтори“, рече таа.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK