На денешната прва аукција за граѓанската обврзница учествуваа 1.283 граѓани кои имаат уплатено средства во износ од 1.448.030.000 денари што е двојно повеќе од објавеното со Проспектот за оваа обврзница.
– Интересот беше голем за овој нов иновативен производ на финансисксиот пазар. Граѓаните го препознаа својот интерес и ја искористија можноста да инвестираат во производ кој за нив е безризичен, сигурен и носи атрактивен принос, штитејќи ја вредноста на нивните пари во момент на висока инфлација, оцени министерот за финансии Фатмир Бесими.
Придобивките од воведувањето на овој инструмент на пазарот, според Бесими, се повеќекратни. Покрај бенефитите за граѓаните, инвестирањето во овие обврзници, како што рече Бесими, значи и дека тие придонесуваат за раст на домашната економија, бидејќи средствата од граѓанската обврзница ќе се пласираат преку буџетот во развојни проекти, кои веќе се планирани. Дополнително ќе влијае и на намалување на сивата економија, затоа што се активира готовината што граѓаните ја чуваат надвор од системот.
Минималниот износ кој граѓаните можеа да го уплатат за учество на аукцијата изнесуваше 10.000 денари, со поднесување барање за купување на една граѓанска обврзница. Максималниот износ не беше предвиден. Процесот на поднесување барање и уплатата на средствата се одвиваше преку деловните банки.
– Со аукцијата се заокружува процесот на издавање на граѓанската обврзница, во кој сега следува постапка на евидентирање на граѓанските обврзница во Централниот депозитар за хартии од вредност. Приносот по основ на камата на граѓаните ќе им биде исплатен на 20 јули 2024 година за првата година и 20 јули 2025 година за втората година, кога ќе им биде вратен и целиот вложен износ. Каматната стапка за оваа емисија на граѓанска обврзница изнесува 5 проценти годишно и таа е фиксна за двегодишниот период на важност на обврзницата. Тоа значи граѓаните кои инвестирале во граѓанска обврзница ќе добијат принос вкупно 10 проценти од инвестираниот износ, појаснуваат од Министерството за финансии.