Денеска Советот на општина Карпош има најава дека ќе одржи две седници. 38-та вонредна седница апсолутно нема ниту еден вонреден случај за кој што би требало да се одржи таа седница, а 37-та седница исто така нема основ за продолжување затоа што амандманите кои што се поднесени од Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се уште не се разгледани на комисиите, истакна Роберт Велјановски, советник на ВМРО-ДПМНЕ во Совет на Општина Карпош.
Прашува: „дали целта на оваа вонредна седница е донесување на Програмата за урбанистичко планирање, што е уште една манипулација по секоја цена да се протне фамозниот ДУП за Алумина, како и сите останати ДУП-ови во општина Карпош кои што се на агендата на градоначалникот и таканаречената урбана мафија“
„За жал, градоначалникот брутално ги злоупотребува своите вработени. Целата администрација е присутна денеска на седницата на Советот на општина Карпош и ги манипулира луѓето со празни флоскули сеејќи страв меѓу вработените. Но, ние блокирајќи го буџетот се повикуваме на Законот за буџет кој вели меѓу другото дека согласност член 39 општината ќе работи со времено финансирање што значи дека истиот буџет и сите програми и цели можат да се користат од минатата година, се додека не се донесе нов буџет“, вели Велјановски.
Апелира до вработените во општина Карпош, во основните училишта, во градинките, да си ги барат правата и да не дозволуваат да бидат манипулирани.
„Советниците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата не се ваши непријатели, напротив ние комплетно стоиме зад вас и не дозволуваме никој да ве манипулира, ниту пак вие да бидете изманипулирани“, кажа тој.