Доналд Трамп (77) го помеша Барак Обама со Џо Бајден на завчерашниот митинг во Вирџинија, што покрена нови прашања за возраста на веројатниот републикански претседателски кандидат, кој досега не направил таков гаф.
Слична загриженост има и за Бајден (81). Трамп и Бајден се најстарите луѓе кои се кандидирале за претседател во историјата на САД.
„Путин има толку малку почит кон Обама што почна да се расфрла со зборот нуклеарно. Сте го слушнале. Нуклеарно. Сега почнува да зборува за нуклеарно оружје“, рече Трампво Ричмонд.
Наводно, толпата замолчела додека Трамп го спомнал Обама, кој ја напушти функцијата пред повеќе од седум години.
Грешката на Трамп дојде еден ден откако Бајден двапати ги помеша Украина и Газа кога објави дека САД ќе доставуваат хуманитарна помош по воздушен пат до Палестинците во Газа кои гладуваат поради израелските бомбардирања и блокади.
„Во наредните денови ќе им се придружиме на нашите пријатели во Јордан и на другите кои со авион испраќаат дополнителна храна и залихи во Украина“, рече Бајден во петокот. САД „ќе се обидат да отворат други патишта кон Украина, вклучително и поморски коридор“, додаде тој.
Официјален претставник на Белата куќа подоцна појасни дека Бајден мислел на Газа, а не на Украина. Прашањата за возраста на Бајден се интензивираа во последните месеци.