Српскиот политичар Срѓан Ново во видео на Јутјуб, ја обвини полицијата и Обвинителството, тврдејќи дека се неспособни или пак, ги „монтираат“ причините и вистината за смртта на фризерот Панче Жежовски од Велес и на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје.
Политичарот ги обвинува дека го наместиле таткото на Вања Ѓорчевска. Според Ного, таткото на Вања е многу богат човек и не му требала позајмица од неговата поранешна сопруга, како што е информацијата која е пласирана во јавноста. Таткото на Вања имал станови вредни половина милион евра, не пиел, не се коцкал а дрога не користел 30 години.
Ного вели дека според неговите информации, а и според досега познатите докази, станува збор за нарачано убиство во кое Љупчо Палевски и неговата банда се само егзекутори, а македонските институции не се способни да го најдат нарачателот, ниту, пак, да ги откријат мотивите за тоа.
Ного истакнува дека и пред, а и минута по убиството на Вања, Палчо зборувал со некој на телефон, наводно нарачателот на убиството, а таткото Александар е во притвор затоа што открил нешто што „не требало да се открие“.
– Пред да ја убие Вања, Палчо ја прашува како се вика, таа му вели Вања, па ја прашува како и е презимето, таа вели Ѓорчевска. Ја убива и веднаш се јавува некому. Ако таткото Александар е на кој било начин вмешан во грабнувањето на Вања, тогаш зошто Палчо би ја прашувал како се вика, за да се увери дека е таа – прашува Ного.
Ного најави дека наскоро ќе го објави мотивот за убиството на фризерот, кое, тврди дека не е официјално соопштениот мотив – долг од 500 евра.