Борбата против загадениот воздух е долг процес кој бара континуирана посветеност, стратешки и конкретни мерки од власта и институциите за намалување на загадувањето. Шест месеци како власта на ДПМНЕ ја презеде одговорноста за жал гледаме дека нешто сериозно не се презема. Граѓаните се оставени сами на себе. Ова го истакна на прес-конференција, потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова.
Таа вели дека Скопје, повторно, е на листата на најзагадени градови во светот, а според извештаите на УНИЦЕФ, граѓаните на Скопје, Тетово, Куманово и Велес дишат загаден воздух повеќе од 3 месеци. Светската банка, пак, алармира дека загадувањето годишно убива 2.800 наши сограѓани.
„Каде се ветувањата на Мицкоски и ВМОР-ДПМНЕ? Кога беа во опозиција, најавуваа 1 милијарда евра за инвестиции во чист воздух и намалување на загадувањето за 50%. Тие ветувања денеска се покажаа како една голема лага. Владата на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ не само што не презема сериозни мерки, туку дополнително ги намалува средствата за борба против загадувањето на воздухот за 51% а во буџетот 2025 година ги нема ниту еколошките програми кои со години се реализираа успешно. Тоа е неодговорно и мора да се промени. Владата мора веднаш да ги ревидира своите политики и да преземе сериозни чекори за справување со загадувањето. Секој ден одложување значи уште повеќе загрозени животи на нашите сограѓани“, рече Шукова.
Додаде дека за споредба, Владата на СДСМ преземала низа на мерки во борба против загадувањето на воздухот, меѓу кои стратешки инвестиции во гасификацијата, проекти за еколошки јавен транспорт, конкретни мерки за финансирање на замена на нееколошки системи во домаќинството, јавните установи, градинки, училишта, мониторинг системи – мерки и политики кои дале резултат и затоа треба да бидат продолжени и надградени.