СДСМ побара оставка од министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, поради последните случувања во земјата.
„Последниот случај на брутално врсничко насилство врз девојче во Скопје е уште еден сериозен аларм дека системот кој треба да штити и да ги превенира ваквите појави, целосно потфрла. Нема систем. Има само жртви. И за тоа мора да има политичка и секаква друга одговорност. За сите пропусти, за промашената превенција, несоодветното постапување на МВР јасна е одговорност на министерот Панче Тошковски“, изјави Симона Цветаноски од СДСМ.
Таа додаде дека во последните две години со ВМРО на власт, живееме во држава во која насилството е секојдневие, во училиштата, во домовите, на улиците.
„Дури и безбедноста на децата е загрозена. Само од почетокот на годинава имаше три грозоморни случаи на злоупотреба на малолетници во Скопје, Гостивар, Неготино. Превенција никаква. А наместо одговорност, неказнивост. Семејно насилство на секој чекор – со случаи кои завршуваат трагично, и покрај претходни пријави. Згаснаа животи на мајка и малолетно дете – МВР на чело со Панче Тошковски не ги заштити. И покрај 12 пријави за две години за семејно, физичко и психичко насилство врз младата Ивана – МВР било слепо и глуво. Насилник во Велес ја уби младата Росица и нејзиниот татко – уште едно во низата потврдувања дека МВР и Тошковски потфрлија. Сериски убиец во Кумановско Старо Нагоричане уби пет жени, додека две години биле игнорирани пријавите на жителите – МВР и Тошковски повторно потфрлија. Ни се случи најголемата трагедија, во Кочани згаснаа 63 жртви. Тошковски ги штитеше неговите началници. Пет тони дрога поминаа преку граница без никаква контрола. Пет тони еј. До ден-денес нема одговор од МВР како поминале, и кој ќе одговара во врвот на власта“, рече Цветаноски.
Таа додаде дека ниту една прес-конференција на министерот Тошковски нема да ја врати довербата на граѓаните и дека одговорност мора да има.