(Видео) Петковиќ: За извршителите и судиите што не ги бришат застарените долгови чаре се кривични пријави

petkovic_5757675556
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластувањето против извршителите и судиите што не носат одлуки за бришење на долговите постари од 10 години или, пак, не ги намалуваат каматите на долговите, кои не треба да го надминат износот на основниот долг, советува Зоран Петковиќ-Бакли, професор по кривично право, криминологија, корупција и организиран криминал на Факултетот за безбедност во Скопје при Универзитетот „Климент Охридски“.

Тој е дециден дека сите службени лица треба без одлагање да постапуваат по измените на Законот за облигационите односи и Законот за извршувањето од минатата година, кои се во корист на граѓаните. Нагласува дека за непримена на законот или кршење на законот треба да се одговара кривично.


„Уставот, член 51 став 2, кажува општо за сите – секој е должен да го применува законот. Нема исклучок за никого. За непримена на законот или кршење на законот треба да се одговара кривично. Друго чаре нема. Има разрешување, меѓутоа нивните комори и комисиите што ги имаат за дисциплински, за одземање лиценца, како и министерот – не функционираат. Единствено чаре е да ангажираат адвокат или да се здружат со здруженија што се борат за првата и против извршителите, да поднесат кривични пријави пред надлежниот обвинител“, вели професорот Петковиќ.

За да им помогне на граѓаните, тој подготвил урнек кривична пријава, која им ја дал на здруженијата што се борат против извршителите. Целиот случај со извршителите, судиите и непримената на законот, кој ги заштитува граѓаните, вели дека ќе го стокми во предавање за студентите како случај на организиран криминал.

„Овој проблем со извршителите, а и со правниот систем, со правосудството, датира од поодамна, почнувајќи од 1995 година, кога немаше извршители. Правниот систем почна да се растура и да не се применуваат и тие законски прописи што ги имаме. Конкретно за извршителите, односно непримената на Законот за измената и дополнувањето на Законот за облигационите односи, кој стапи во сила на 20.7.2023 година, и неодамна Уставниот суд ги одби 11-те иницијативи за поништување и укажа дека овој закон е уставен. Имаше сознанија дека вакви законски прописи има во судовите во Европа – Франција, Норвешка, Холандија, не е некоја новина, но тргнувајќи од тоа што со години знаеме кои се извршителите, како наплаќаа од еден денар до 1.000 евра, ова, за мене, е организиран криминал. Набргу на студентите, на кои им предавам пракса кривично право, организиран криминал и корупција, им го спремам како практичен предмет во една информација, едно предавање. Овој предмет е од можеби најголемите за организиран криминал и корупција, и тоа поширока корупција и криминал бидејќи, како што знаат граѓаните, и судот има два става. Има неколку примери во кои еден судија во едниот предмет го применува законот, во друг предмет со ист основ не го применува, носи обратна одлука“, вели професорот Петковиќ.

По усвојувањето на измените на законите во корист на граѓаните минатата година во јули, извршителите бараа толкување од Собранието, не ги применуваа оправдувајќи се дека чекаат упатства од Комората на извршителите и од министерот за правда, а продолжија да ги одлагаат одлуките и откако пред два месеца Уставниот суд ги отфрли 11-те иницијативи за поништување на измените.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK