Големи се очекувањата на општините од новиот генерален урбанистички план (ГУП) за Скопје кој, место усвоен и во сила веќе една година, сè уште е само во подготвителна фаза. Бришење на јужната обиколница, преиспитување на потребата од булеварот Крушевска Република, ограничување на градењето за да се спречи со дозвола за куќа да се гради зграда, конкретни насоки како да се третираат земјиштата продадени со јавно наддавање, зелен појас покрај Вардар, а веднаш до него и градежен појас по целата должина на реката, зградите да одат ви висина место во ширина и ред други барања веќе се подготвени и чекаат градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска да ги побара.
Општините се изјаснуваат за делумно консултирани за новиот ГУП, но истовремено и целосно исклучени од подготовките за кои велат дека немаат ниту информација до каде се. Од десетте скопски општини кои се во опфатот на ГУП, на прашањата за планот и соработката со Град Скопје за негова изработка одговорија, само четири. Од општините Кисела Вода, Гази Баба, Центар и Карпош сведочат дека со Град Скопје за ГУП имале средба летово но се разговарало главно за новата урбанистичка блоковска поделба, а од тогаш нема нова активност ниту за подготовките за ГУП ниту околу неговата изработка.
Кисела Вода бара ограничување на градењето за да се спречи со дозвола за куќа да се гради зграда
Во Општина Кисела Вода се револтирани од доцнењето на ГУП. Сметаат дека доцнењето ќе има сериозни последици за секоја од скопските општини оти ги ограничува можностите за развој. Без нов ГУП општините не можат да ги применуваат стратегиите предвидени со развојната програма што сметаат дека е чекор назад во уредувањето на просторот.
„Сметаме дека неработењето на Град Скопје е причина поради која нашата Општина нема никаква информација до каде е процесот кој одамна требаше да биде завршен. Соработката со општините при донесувањето на вакви клучни документи со децениска важност е од исклучителен интерес на нашите граѓани, а до овој момент, од страна на Градот Скопје воопшто не сме консултирани ни околу нашите развојни програми, стратегии и цели. Како општина сметаме дека сериозните проекти, како овој, бараат пред сè работа која треба да биде динамична, транспарентна и стручна. Наспроти тоа, за носење на еден ваков документ има молк, никаква комуникација, што сериозно загрижува и наведува на размислување дали Градот Скопје воопшто нешто сработил“, велат од Општина Кисела Вода.
Барањата на Кисела Вода за новиот ГУП од Општината објаснуваат дека се содржани во програмата на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски каде се сместени сериозни стратешки чекори за урбанистичкото планирање.
„Проекти кои се навистина значајни се ограничувањето на бројот на станбени единици при градењето куќи со цел да се спречи изигрување на законот и градење згради на име А1 (домување), потоа проектот за подземно пробивање на јужен булевар, секако неизоставен дел би било имплементирањето на идејното решение за Расадник за кое веќе ни пристигнаа 5 решенија на распишаниот конкурс и сме во исчекување на уште некое кое би стигнало по пошта, бидејќи од досегашното искуство пратките од странство сериозно доцнат “, велат од Општина Кисела Вода.
Убедени се дека нивните барања за новиот ГУП се значајни и овозможуваат развој не само за Кисела Вода туку и за останатите скопски општини.
Дислокација на загадувачката индустрија од населените места е меѓу главните барања за ГУП од Гази Баба
Насоките кои Општина Гази Баба ќе ги даде за новиот ГУП се пред сè заштитата на животната средина, поголем процент на застапеност на зеленило во рамки на Општината, нови спортски локации, можност за дислокација на загадувачката индустрија вон населените места на Општината, можност за изградба на нова инфраструктура, современ јавен превоз, мапирање и предвидување на нови бизнис и резиденцијални зони како и предвидување на нови индустриски и транспортни зони. Во Општината се загрижени што досега не ја виделе сообраќајната студија за новиот ГУП за да можат да ги одредат приоритетите.
„Сакаме да нагласиме дека ние целосно не сме запознаени со тоа каква ќе биде сообраќајната мрежа во нашата Општина, бидејќи таа се вцртува во новиот ГУП на Град Скопје со изработување на сообраќајна студија. Од студијата понатаму ќе се увиди дали одредени градски сообраќајници треба да се намалат односно зголемат во нивната проточност и дали одредени главни артерии низ нашите населени места ќе претрпат измени или ќе останат исти“, велат од Гази Баба.
Во оваа Општина очекуваат ГУП да понуди нова сообраќајна мрежа, развој на комуналната мрежа која ќе овозможи достојни услови за живеење на секое семејство, но очекуваат и дека со новиот план ќе има поголем прилив на даноци и надоместок од комуналии.
Булеварот Крушевска Република раздвојува историски маала, Центар бара да се преиспита потребата од него
Општина Центар со внимание ги следи постапките за новиот ГУП и прецизно посочува дека постапката за донесување на планот официјално не е почната оти не е одобрена планската програма од Советот на Скопје. Барањата за новиот ГУП им се стокмени.
„Во новиот генерален урбанистички план, како Општина, ќе побараме да се преиспитаат наменски употреби на земјиштето во дадени градски четврти (ГЧ И05 – Маџир Маало), да се преиспита потребата од булеварот Крушевска Република кој разделува повеќе историски маала, ќе побараме поврзување на некои градски четврти кои биле раздвоени со претходниот ГУП, а историски отсекогаш претставувале целини, ќе побараме дислокација на индустриските капацитети на територијата на општината, замрзнување за понатамошен развој на некои делови од територијата на општината и слично“, објаснуваат од Општина Центар.
Од новиот ГУП, покрај планови, Општина Центар очекува и конкретни, пропишани насоки како да се спроведат градските политики.
„Дали станува збор за намалување на жителство, за ретрасирање на постојни траси на сообраќајници или за третман на земјишта отуѓени со јавно наддавање, очекуваме конкретни методологии за справување со настанатите ситуации, а како сите градски општини би имале пропишани услови за еднакво постапување“, конкретно бараат од Општина Центар.
Иако постапката за новиот ГУП официјално не е почната, Агенцијата за планирање на просторот веќе имала средба со стручен тим од Општина Центар на која биле информирани за документирање на постојната состојба на терен. Агенцијата ги консултирала и за можни превиди, како најдобри познавачи на територијата на Општината, а им биле најавени и дополнителни состаноци.
Јакимовски: Зградите треба да одат во висина, да се зафаќа небото за на земјата да остане повеќе простор за паркови
На градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, за разлика од останатите градоначалници, не му пречи доцнењето на новиот ГУП. Тој дури смета дека генералните планови не треба да се носат толку често и се залага важноста да им биде четвртина век.
„Не гледам што се менува во функционирањето на Општината или на локалната самоуправа со евентуално носење нов генерален урбанистички план. Генерални планови, прво, не се носат толку често. Тие треба да се носат на 25 години затоа што со промена на генерален план, ако го носите на 10-12 години, вие треба да ги усогласите постојните детални со новиот генерален план. За десет години треба да направите, на пример во Карпош, 50 урбанистички планови. Таман сте стигнале да ги усогласите тие носат нов генерален план. Тоа нема логика, како мачката кога си ја брка опашката е“, вели градоначалникот Јакимовски.
Неговиот став во однос на барањата што Општината ќе ги има за изработка на новиот ГУП вели дека зависат од барањата на граѓаните.
„Знаете кои се најчестите барања на граѓаните? Имот кај што е предвидено зеленило, тие бараат да биде домување. Сите бараме зеленило ама кога ќе го имаме зеленилото бараме да се претвори во домување без разлика дали се работи за колективно или пак за индивидуално домување“, вели градоначалникот Јакимовски.
Тој смета дека деловите покај кејот на Вардар треба да се редефинираат. Да има простор во ширина од 50 до 80 метри од брегот кој ќе биде резервиран за паркови, а во другиот дел да се предвиди градежен појас и така да биде не само во Карпош туку и во останатите општини низ кои минува Вардар.
„Тука гледаме едно двојство. Ако веќе ни е концепт дека покрај Вардар треба да има сериозно проветрување, треба да има паркови и слично, тој појас треба да се дефинира од Ѓорче Петров, од Сарај, до излезот на Скопје. А не како што сме сега, во Карпош тоа го има, а како еден стомак направено, тој дел го запазуваме па потоа се стеснуваме во централното градско подрачје па малку се прошируваме во делот на Аеродром и се гледа една неконзистентност“, замерува градоначалникот Јакимовски.
Новиот ГУП, според Јакимовски, треба да го уреди просторот зад Зајчев Рид, да го урбанизира Бардовци, да го заштити Водно како белодробни крила на Скопје, но сепак да не се избрише јужната обиколница која треба да се гради на сметка на зеленилото.
Против бетонизацијата на Скопје Јакимовски вели дека ќе се бори со нови згради кои ќе одат во висина, ќе се зафаќа небото за на земјата да остане што е можно повеќе простор за паркови.
„Таа флоскула против бетонизација е сериозна флоскула. Напротив јас се залагам за сериозно осмислување на она што треба да се гради и да се прави и мојата заложба е дека на површините не треба да се оди во ширина туку треба да се оди во висина, да се зафаќа небото, а што е можно повеќе површини да остануваат за паркови и за други содржини кои им се потребни на граѓаните“, вели градоначалникот Јакимовски.
Тој беше единствен кој се согласи пред камера, јавно, да ги каже неговите и ставовите на Општината за новиот ГУП.
Градоначалниците на останатите шест општини, Аеродром, Бутел, Сарај, Ѓорче Петров, Шуто Оризари и Чаир, исто како и градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, молчат за новиот ГУП. „Макфакс“ веќе објави дека за да продолжи подготвителната фаза на ГУП, Комисијата за верификација во Советот на Скопје чека од градоначалничката да им образложи зошто распишала четири огласи за партиципативно тело, три од нив поништила и четвртиот побарала од нив да го поништат, а инсистираат и правната служба да им посочи кој е законскиот пат тие да поништат оглас што не го распишале.
Со овој текст „Макфакс“ се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти“, кој е поддржан од британската амбасада.