СДСМ бара од коалицијата БЕСА и ДПМНЕ во општина Тетово да ја повлечат одлуката за уривање на верското обележје на Попова Шапка.
Прво, затоа што на Попова Шапка станува збор за црковен имот и верско обележје -крст во двор на манастир а не за објект, истакна Фаница Николоска, пратеничка на СДСМ.
„Затоа што било какви провокации и дејствија може да предизвикаат тензии со сериозни последици, да подгреат раздор, верски, политички или етнички поделби меѓу граѓаните.
Сите политички чинители, пред се коалициските партии БЕСА и ДПМНЕ во Советот на општина Тетово треба да работат за доброто на сите граѓани на Тетово. За жал она што го гледаме е дека БЕСА и ДПМНЕ во Тетово со своите одлуки и сценарија сакаат да предизвикуваат штета на граѓаните, соживотот и меѓусебното разбирање“, оценува Николоска.
Загрижува, како што вели, тоа што сите штетни одлуки на Касами во Тетово се поддржани од ДПМНЕ како коалициски партнер на БЕСА.
Според неа, најважното место во Општината после Градоначалникот во Тетово е Секретарот, оваа позиција ја извршува Дарко Коцевски од ВМРО-ДПМНЕ.
„Се сомневаме дека ова е дел од договорено сценарио на ДПМНЕ и БЕСА во предизборието. СДСМ заедно со граѓаните, со сите разумни и одговорни политички субјекти ќе направи се да не се дозволи сценаријата на БЕСА и ДПМНЕ во Тетово да успеат.Граѓаните ги повикуваме на смиреност, да не подлегнуваат на провокациите на БЕСА и ДПМНЕ а институциите на будност и навремена реакција во рамки на надлежностите. Во името на сите граѓани на Тетово, соживотот и меѓусебната толеранција и почитување бараме општина Тетово и градоначалникот Касами да се воздржат од било какви понатамошни дејствија а одлуката да биде повлечена“, потенцира Николоска.