Годината којашто е пред нас ќе биде уште подобра од изминатата на економски план. Платите, пензиите и инвестициите ќе продолжат да растат, економијата ќе се развива позасилено, вели портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
Според неа, влијанијата на шоковите од енергетската и економската криза врз глобалните економии се уште се присутни, но антикризните мерки го даваат посакуваниот резултат.
„Економскиот раст оваа 2024 година ќе се забрза на 3,4%, инфлацијата ќе продолжи да се намалува на под 4%, а буџетскиот дефицит ќе биде помал. Во Буџетот за 2024 година веќе се предвидени дополнителни 160 милиони евра за повисоки плати и дополнителни 170 милиони евра за повисоки пензии согласно новата методологија. Просечната месечна плата по вработен СДСМ ја покачи на 39.000 денари или 630 евра. Во времето на ДПМНЕ просечната плата изнесуваше околу 22.000 денари“, најави Кузеска.
Оваа година, како што рече, ќе има и ново зголемување на минималната плата.
„Во споредба со времето на ДПМНЕ, СДСМ за 50% ја зголеми минимална пензија и за 50% ја зголеми просечна пензија. Пензиите ќе продолжат да растат со СДСМ и оваа година. Во времето на ДПМНЕ невработеноста беше 25%, со СДСМ невработеноста во овој момент е околу 14%. Странските инвестиции во 2016 година во време на ДПМНЕ изнесуваа 338 милиони евра. Во 2022, година после пандемија со КОВИД-19 и во ек на глобална економска и енергетска криза, односно во време на СДСМ изнесуваа речиси 754 милиони евра. Двојно повеќе од тоа што биле во 2016 година. Инвестициите во ТИРЗ во време на ДПМНЕ во 2016 изнесувале кумулативно 600 милиони евра. Во 2023, во време на СДСМ, кумулативно изнесуваат 2 милијарди евра“, рече таа.
Кузеска оцени дека социјалдемократските политики во економијата се покажале како најуспешен економски модел кој носи повеќе за сите.