Објавуваме голем скандал. Скандал, кој потврдува дека лажните анкети објавени на Националната телевизија МТВ се нарачани од штабот ВМРО-ДПМНЕ. Станува збор за реализација на цела една шема, оперативен план подготвен од Републичкиот изборен штаб на ДПМНЕ, по насока на Извршниот комитет на партијата, соопшти на прес-конференција Дарко Каевски, пратеник и портпарол на СДСМ.
„Цела една шема за пласирање лажни анкети за рејтинзите на партиите и за политичарите, а објавени на МТВ, но и за други активности како пласирање лажни вести.
Ова се документите кои се доставени до нас.
За различни сегменти задолжени се различни личности.
За лажните анкети и лажните вести, освен одговорните од Центарот за комуникации во ДПМНЕ, задолжен е и Владимир Божиновски. Меѓу задолжените е и Зоран Ставревски но и директорот на МТВ, Марјан Цветковски.
Оперативниот план го содржи она што и реално се случуваше и се уште се случува.
Предвидува креирање на емисија два пати неделно со анализирање на анкети од ИПИС на Владимир Божиновски, какви што веќе се емитуваа на МТВ.
Дефиниран е и составот на гости во емисијата, да бидат аналитичари и тоа 3 опозициски и 1 од власта.
ДПМНЕ има и одговорен и за ширење лажни вести и креираат вести преку „дувла“ кои ги објавуваат опозициски портали“, кажа Каевски.
Според него, за градоначалниците од ДПМНЕ предвидена е „обврска“ кон Владимир Божиновски.
Ова, како што оценува Каевски, е голем скандал кој покажува: „Дека лажните анкети се нереални и служат за манипулација на граѓаните. Дека се уплашени и потврдува дека нема никаква промена во ДПМНЕ“.
Оценува дека пропагандата, злоупотребите на медиумите, ширењето лажни вести и нарачаните лажни анекти, се истите методи на Никола Груевски кои сега ги спроведува Христијан Мицкоски.
Каевски дополни дека за овој скандал одговорност мора да има.