Пратеникот Сашко Јанчев, по однос на измените во ЗОРОДУ и отворањето на Министерство за енергетика, рударство и минерални суровини потсети на седница во 2014 година, кога Трајко Вељаноски стави 112 закони по скратена постапка.
„Тогаш пратениците од СДС се бунеа, како тоа е противделовнички, како Собранието е направено гласачка машина“, рече Јанчев
„Потоа се смени власта… па тие се пењавеа како скратената постапка и лепењето европско знаменце и тоа шверцување што го унапреди новата власт е противделовничко и против смислата на Собранието. Се сеќавам како професорката Силјановска, која беше тогаш пратеничка, му велеше на Заев како не се станува Европеец со носење закони по скратена постапка! И сега, дојдовме кога пак е ДПМНЕ на власт и уште на втората седница шверцува системски закон по скратена постапка.
Што се однесува до Законот, ќе се задржам само на делот што се однесува на измените со кои се предвидува ново министерство за енергетика, рударство и минерални суровини. Впрочем, на тоа се однесуваше и мојот амандман којшто ми го отфрлија затоа што во него не напишав ,Северна’.
ДПМНЕ пред 2016 година, во еден ден потпиша 86 концесии за рудници од кои 22 за метални минерали и во тие концесии беше предвидено тие да се третираат со агресивни хемикалии. Концесиите најмногу беа на Југоистокот на Македонија. Евентуално, отворање на тие рудници за народот ќе значеше тотално уништување на животната средина. Огромни отровни хидро-јаловишта, а, буквално, целиот профит ќе си го собереа странските газди“, кажа пратеникот.
„Тоа резултираше со народен бунт, со блокади, со локални референдуми, со негативни мислења во локалните самоуправи и тоа сега засега е ефективно спречено. Голем дел од причината зошто е тоа така е сложеноста на процедурата која моментално е во Министерството за економија, па странците кои сакаа тука да прават пустош и на база на тој пустош да си прават мултимилионски профити, малку тешко се снаоѓаа во лавиринтите и ходниците на Министерството.
Со други зборови, сложеноста на процедурите и тоа што ова е под надлежност на Министерството за економија и е брана која делумно нè штити од овие рудници на смртта и е од народен интерес. Ама, наместо ова, ние сега имаме предлог – закон, во скратена постапка, кој предвидува едно цело ново специјално министерство за рударство и минерални суровини со цел да се олесни процедурата за овие рудници на смртта“, додаде пратеникот Јанчев.