(Видео) Исмаил: ДПМНЕ го резервира буџетот за НАТО со скок за 20%, а ги пустоши во двоцифрени проценти програмите за деца, социјална заштита и превенција од насилство


screenshot-2026-11-20-173723.webp
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

На денешната прес-конференција, по повод почетокот на амандманската расправа за Предлог-буџетот за 2027 година, пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, посочи дека буџетските приоритети на Владата откриваат поразителна политика во однос на безбедноста на граѓаните. Додека стотици милиони евра се издвојуваат за милитаризација и исполнување на обврските кон НАТО, се кратат средствата за социјална заштита, детски додатоци, родова еднаквост и институциите задолжени за заштита и спасување, посочи тој.


„Очигледно е дека безбедноста за оваа Влада значи само вложување во милитаризацијата на општеството“, истакна Исмаил, посочувајќи дека за Министерството за одбрана во 2027 година се предвидени над 412 милиони евра, со раст на средствата од основниот буџет за речиси 20%, додека истовремено средствата за Дирекцијата за заштита и спасување се намалуваат за дури 17%.

Како што кажа тој, има кратењата и во програмите што треба да обезбедат социјална сигурност и превенција од насилството. „Средствата за социјални услуги се намалуваат од 15,2 на 12,8 милиони евра, се кратат средствата за детски додаток, а програмата за родова еднаквост и недискриминација останува со дури 40% помалку средства. Ваквите кратења се случуваат токму во период кога јавноста речиси секојдневно сведочи на нови случаи на семејно и родово базирано насилство и фемициди“.

Исмаил нагласи дека проблемот не е само во неспособноста на институциите да се справат со последиците од насилството, туку и во целосното игнорирање на општествените околности во кои тоа се создава. Наместо зајакнување на социјалните служби, образованието, културата и програмите за превенција, Владата, според него, ги потчинува овие потреби на политиката на милитаризација и исполнување на надворешни барања.

„Не е доволно само да се осуди насилството откако тоа ќе се случи“, порача Исмаил, потенцирајќи дека суштинската безбедност подразбира создавање социјални, образовни и културни услови во кои насилството ќе се спречува, наместо институциите да реагираат дури откако ќе настапат трагичните последици.

Токму затоа, дел од амандманите на Левица, предвидуваат кратење на средствата наменети за милитаризација и за инфраструктурните проекти долж Коридорот 8, кои Исмаил ги оцени како непотребни и неисплатливи, и нивно пренасочување кон социјалните програми, зајакнување на службите за социјална заштита, подобрување на образованието и збогатување на културната понуда.

Пораката на Левица е дека буџетот мора да им служи на вистинските потреби на граѓаните, наместо социјалната сигурност и превенцијата на насилството да се жртвуваат за милитаризација и инфраструктурни проекти диктирани од надворешни приоритети.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK