Убијци, предавници, правда за жртвите, оставка, се дел од пораките кои револтираните граѓани по скандалот со Онкологија вечерва им ги упатија на надлежните од пред Владата.
Пред зградата на владата беа оставени и шишиња со црвена течност кои треба да асоцираат на физиолошкиот раствор и крвта, која ги симболизира изгубените животи по информациите за црниот пазар со лековите на Клиниката за онкологија.
„Само додека ние плаќаме за да имаме квалитетно образование, здравство и судство овие господа живеат во лускуз, јадат бифтеци додека пациентите во болниците јадат паштети а секој втор граѓанин одвај може да си приушти еден оброк дневно. Е па господа да ве прашам, имате ли барем тронка грижа на совест за ова што ни го правите со онкологија. Заработувате на мизеријата на нашите најмили: татковци, мајки синови и ќерки“, порачаа организаторите.
Барањата или ултиматумот од овој протест, како што беше посочено се: ОЈО да излезе со детали за текот на истрагата во рок од една недела; истрага за инволвираноста на поранешниот министер Венко Филипче и на директорот Нино Васев; проширување на истрагата на работата на детската онкологија; целосна ревизија на работата на Клиниката за онкологија; правосилни судски пресуди за сите инволвирани во злосторството и криминалот на Онкологија; вклучување онколошки пациенти, кои ќе имаат увид во самата истрага.
„Чашата е прелеана а тие се спремни да одат до крај и да си ги измијат рацете преку новите измени на Кривичниот законик, беше порачано од протестот. Масовните протести да станат норма против неправдата“, кажаа дел од учесниците.